Во објава на својата официјална страна на фејсбук, градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски ги информираше граѓаните дека на вчерашната седница на Советот, на предлог на градоначалникот е донесена одлука за доделување на директна финансиска помош за над 3000 семејства на територија на општина Гази Баба.
Во објавата градоначалникот Стефковски напиша:
– Добра вест за жителите на Гази Баба: Над 3000 семејства ќе добијат директна финансиска помош од општината. До Советот на општина Гази Баба предложив Одлука за исплата на финансиски средства како парична помош за загрозени граѓани погодени од енергетската и финансиската криза. И на вчерашната седница, Советот ја донесе оваа одлука. Во овие тешки времиња кога инфлацијата секојдневно расте, сметките за електрична енергија се двојно зголемени, а нашиот народ е на работ на егзистенцијата, без двоумење направив реорганизација на општинската каса и преку ребаланс на буџетот, определив 4.000.000 денари. Со оваа одлука се предвидува: Субвенционирање на дел од трошоците за потрошената електрична енергија за социјално ранливи категории на граѓани; и Надомест за пензионери со ниски примања. Ова е прв пат во историјата на постоењето на општина Гази Баба, општината да исплаќа директна финансиска помош на граѓаните во време на криза, напиша Стефковски.