Над 39 милиони денари или околу 630.000 евра е проценетата штета од невремето кое лани, на крајот од месец мај, ја зафати општина Лозово.

Општинската комисија за проценка на штети прифатила 294 барања на физички и правни лица, кои пријавиле дека имале загуби на своите посеви.

„Утврдената конечна причинета штета е добиена на тој начин што количината на штета на производот е помножена со цената на еден килограм и од пресметаната сума за обештетување, одбиени се околу 15 %, како дел од нереализирани трошоци. Тоа се трошоци за берба, транспорт, амбалажа и слично, изјави Бошко Цветковски“, градоначалник на Лозово.

90% од жителите на општината егзистираат од земјоделство. Бидејќи општината е со лимитиран буџет, Советот одлучи да побара финансиска помош од централната власт за надомест на штета на земјоделските површини.

„Имавме комуникација со министерот за земјоделие и ни беше ветено дека ќе излезат во пресрет на граѓаните, односно, на земјоделците во конкретниот случај и дека ќе бидат обештетени согласно она што ќе биде договорено на Влада“, додаде Цветковски.

Во населените места од општината, Каратманово, Дорфулија, Милино, Аџиматово и Ѓуземелци, делумно или целосно се уништени 406ха, посеани со житни и градинарски култури, лозови и овошни насади. Ова е тежок удар за локалната економија, зашто на повеќегодишните насади ќе им бидат потребни 2 до 3 години да се вратат во кондиција, односно, на максималните приноси.