Министерот Азир Алиу најави инвестиција за Клиничка болница Тетово од над 70 милиони евра за нови градби и реконструкција на објекти

Министерот за здравство Азир Алиу денеска во Тетово одржа работна средба со директорот на Клиничка болница Тетово, Ерзен Елези. Но и со неговиот тим и претставници на локалната самоуправа предводени од градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами. На средбата се дискутираше за приоритетите на болницата во рамки на планираната инвестиција за Клиничка болница Тетово. Таа ќе опфати  изградба на два нови објекта и реконструкција на постојните капацитети.

„Веќе помина на седница на Влада информација за 205 милиони евра за инвестиции во Тетово, Кичево и Штип. Денеска сме тука на работна средба заедно со градоначалникот на општина Тетово и со работната група доктори и администратори. За да видиме кои се потребите од функционална и од инфраструктурна гледна точка. Работната група ќе креира извештај за да може да се буџетираат сите потреби неопходни за болницата“, изјави министерот Алиу.

Вкупната инвестиција за Тетово изнесува над 70 милиони евра. Таа е предвидена за целиот кампус на Клиничката болница. Односно за изградба на две нови градби и реконструкција на три постојни инфраструктурни објекти.

Во врска со новите вработувања во установата, Алиу информира дека постапката е во тек. И дека во моментот се тестираат сите пријавени на конкурсот. „Поради законските пречки, треба да се почека по завршување на локалните избори за да се спроведе последниот чекор во постапката“, посочи министерот. Тој додаде дека анализите покажуваат потреба од нови 300 вработувања, по што ќе се отвори нова постапка за прием на кадар.

Во рамки на проектот за инфраструктурно унапредување на јавното здравство, во Клиничка болница Тетово е планирана доградба на два нови павилјона за специјализирани услуги. Онкологија, инфектологија, дерматологија, психијатрија и гинекологија. Проектот предвидува и реконструкција на хируршкиот и интернистичкиот блок. Како и целосно инфраструктурно и партерно уредување на објектите и околината.