Со новите КОВИД-случаи во вчерашната статистика, бројот на активни заразени лица во земјава надмина десет илјади (10 383), а вкупниот број инфицирани од почетокот на епидемијата кај нас достигна 234 277.
По Скопје, каде што во моментов потврден вирус имаат 6212 луѓе, со највисоки бројки следуваат Битола со 876 и Прилеп со 535. Од новодијагностицираните 813, во главниот град се 549, а следни со најмногу нови заразени се Битола – 49 и Куманово – 40.
Движењето „Поддршка за онлајн-настава“ вчера побара второто полугодие од учебната 2021/2022 да почне со онлајн-настава поради нагорната линија на позитивни лица и затоа што, како што велат, нема услови за настава со физичко присуство.
– Децата во една училница со 30-40 метри квадратни го пренесуваат вирусот многу брзо. Шансата за заразување е многу голема. Ги фрламе во оган не само децата, туку и нивните родители, бабите, дедовците, цели семејства. Ако со делтата и со првиот вухански сој се заразуваа еден-двајца, во овој случај се заразуваат буквално сите. Сметаме дека во училиштата досега, во првото полугодие, не се придржуваа до протоколите, изјави Ана Глигорова, претставник на движењето произлезено од фејсбук-група која има 15 илјади членови.
Апелираше до министрите за здравство и за образование и наука, односно Комисијата за заразни болести, да ѝ го предложат на Владата нивното барање.
Под построги протоколи, со задолжителни маски, но и задолжителен негативен резултат од селф тест, односно тест за домашна употреба, учениците во Грција вчера се вратија во училишните клупи и второто полугодие започна регуларно, без одлагање.
Учениците и просветните работници задолжително ќе се тестираат два пати седмично, со бесплатните селф тестови, а за оваа седмица ќе добијат еден тест плус.
Во Хрватска вчера стапија во сила нови антиепидемиски мерки, поради зголемениот број на заразени – воведена е обврската на работодавците да ја организираат работата од дома секогаш кога е можно, дополнително се ограничуваат собирите, а се најавува и поинтензивна контрола на угостителските објекти.
Во Словенија вчера стапија во сила неколку измени на Уредбата за мерки за спречување на ширење на коронавирусот, со кои, меѓу другото, се скратува времетраењето на карантинот и важноста на тестовите, но се намалува бројот на патници во јавниот превоз. Таквите мерки се донесени во согласност со упатствата издадени од словенечкиот национален институт за јавно здравје. Од вчера е скратен карантинот по контакт со висок ризик или при влез во земјата без пропусница за КОВИД-19 од десет на седум дена.
Рекорден број новозаразени има во Албанија. Инфекциите на национално ниво се значително зголемени во последните три дена, просечно по 1500 случаи дневно, но во болниците не се одразува директно во хоспитализацијата.
Европските здравствени системи повторно се под голем притисок поради брзото ширење на омикрон сојот на коронавирусот за време на празниците, а експертите предупредуваат дека врвот на инфекцијата допрва доаѓа.
И покрај првичните истражувања кои покажуваат дека ризикот од тешка болест и хоспитализација поради омикрон е помал отколку кај делта варијантата што беше доминантна досега, здравствените системи во Шпанија, Велика Британија и Италија и на други места сè повеќе се во неповолна положба бидејќи многу работници се или болни или во изолација.
Велика Британија во петокот почна да распоредува воен персонал за да им помогне на болниците кои немаат доволно персонал и се под голем притисок поради големиот број пациенти.
Специјалниот пратеник на Светската здравствена организација (СЗО) за КОВИД-19 Дејвид Набаро изјави дека епидемијата на коронавирусот ќе создаде многу тешка ситуација во следните три месеци, „но можеме да кажеме дека крајот е на повидок“.
– Сè уште не сме стигнале до таа точка, а пред да дојдеме до неа, ќе има уште тешкотии, рече Набаро во интервју за Скај њуз, пренесува лондонскиот весник „Гардијан“.
Експертот на СЗО потврди дека коронавирусот продолжува да се развива и најави појава на нови варијанти и по омикрон.
– Ќе биде тешко уште најмалку во следните три месеци, рече Набаро и потсети дека коронавирусот се појавува во амплитуди – почнува драматично да се шири, потоа стивнува, а потоа повторно се шири периодично на секои три или четири месеци.
Регулаторното тело на ЕУ за лекови вчера соопшти дека „во рок од неколку недели“ може да одлучи дали да ја одобри употребата на пилулата против КОВИД-19 на „Фајзер“ – Паксловид, откако американскиот производител на лекови поднесе барање за одобрување.
-Побарано е одобрение за третман на лесна до умерена форма на КОВИД-19 кај пациенти на возраст од 12 години и постари, кои тежат најмалку 40 килограми и се изложени на висок ризик од влошување на здравјето, соопшти Европската агенција за лекови (ЕМА).
Вакцините остануваат клучно средство во борбата со пандемијата, но регулаторите ја гледаат терапијата со лекови како нова алатка во борбата против омикрон, брзо распространетата варијанта на коронавирус, која досега е откриена во повеќе од 128 земји.
На важноста да се продолжи со имунизација на општата популација „колку што е можно повеќе“, вчера повика и папата Франциск во своето годишно обраќање.
Посветувајќи ѝ на пандемијата пет од шесте страници на говорот, папата ги осуди неоснованите идеолошки дезинформации за вакцините против КОВИД-19, поддржувајќи ги националните кампањи за вакцинација.
-Гледаме дека на оние места каде што е спроведена ефикасна кампања за вакцинација, ризиците од тешки последици од болеста се намалени, рече папата во обраќањето пред повеќе од 200 дипломати акредитирани во Ватикан.