Над половина милион евра ќе чини одбележувањето на државните празници и прославата на годишнината од Рамковниот договор. Тендерите ги добија две фирми, на јавни набавки на кои немале конкуренција. Тетовската фирма „Арбериа дизајн“ повторно ќе ја организира годишнината од Рамковниот договор, за која што е задолжено Министерството за политички систем, на чие чело е вицепремиерот од редовите на ДУИ, Артан Груби, пишува Дојче Веле.
Фирмата „Скопје Филм Студио“, пак, е задолжена да ги организира прославите за останатите државни празници, како и за настан од Отворен Балкан, за што Владата ќе треба да плати околу половина милион евра.
Околу 100 илјади евра ќе чини одбележувањето на 22-годишнината од Рамковниот договор. Се бара стихотворба од реномиран поет и спот за песна.
„Дојче Веле“: За четири државни празници – 350.000 евра
Според договорите коишто се објавени на Бирото за јавни набавки, станува збор за активности поврзани со празниците 2 Август – Денот на Републиката, Илинден, 8 Септември – Денот на независноста, 11 Октомври – Денот на народното востание и 8 Декември – Ден на Св. Климент Охридски.
„Скопје Филм Студио“ ќе треба да „осмисли и реализира активности кои ќе обезбедат креативна, продукциска, техничка и организациска поддршка за реализација на настани за одбележување“ на овие четири празници, за што ќе ѝ бидат исплатени околу 350.000 евра. За осмислување и реализација на активности кои ќе обезбедат креативна, продукциска, техничка и организациска поддршка за реализација на настан – Отворен Балкан се планирани околу 150.000 евра.
Договорите се склучени во јули, а се на сила до крајот на годината. Како критериум за доделување на договорот се наведува најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот. Највисока добиена понуда била 19.991.554 денари, додека најниска добиена понуда е 9.999.224 денари.
Целата вест прочитајте ја на „ДОЈЧЕ ВЕЛЕ“.