Надлежните ја префрлаат топката. Кој е одговорен за скандалот со држвната матура? Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар се обвинија меѓусебно откога тестот по англиски јазик беше споделен на група на „Вибер“ каде матурантите за време на испитот ги договарале одговорите на прашањата.

МОН повика да се лоцира одговорноста за пропустот при полагањето и предложи организациски промени од следната година. Велат дека Државниот испитен центар е надлежна институција за организирање на државната матура и треба да ја лоцира одговорноста меѓу учесниците во спроведувањето на процесот.

„Иако тестот не им бил достапен на учениците пред полагањето, односно истиот е споделен меѓу матурантите преку апликација за електронска комуникација за време на самото полагање, сепак, тоа е пропуст кој никако не требало да се случи и повлекува соодветна одговорност“, велат од МОН.

Министерството тврди дека побарало од оваа година полагањето на испитите да се спроведува во поголеми простории во училиштата, како на пример во училишните сали и холови. Сепак, како што велат, тоа не било реализирано поради случувањата во ДИЦ, односно штрајкот на вработените непосредно пред датумите за спроведување на државната матура.

Државниот испитен центар жестоко реагира дека кога Синдикатот го ставил штрајкот во мирување во интерес на учениците, добиле само празни ветувања, а знаеле дека можат професионално и навремено да ја завршат нивната обврска.

„Обидот на министерот, односно на МОН да ја префрлат одговорноста на вработените на ДИЦ и на штрајкот за нерегуларностите во спроведувањето е само избегнување на сопствената одговорност за настаните“, велат од испитниот центар.

Во врска со изјавата за неполагање на државната матура во големи простории поради нивниот штрајк, од ДИЦ кажаа дека тоа е лага, а за таа цел се бореле уште од спроведувањето на првата матура и досега не добиле дозвола за тоа.

И без штрајк, велат тие, ќе постоеја вибер-групи и немаше испитите да се спроведат во големи простории.

Во саботата, група матуранти во група на апликацијата „Вибер“ си ги разменувале одговорите на матурскиот тест по англиски јазик. Од Државниот испитен центар објаснија дека тестовите не биле пробиени, туку прашањата биле споделени откога испитот започнал.