Цените на нафтата денеска значително пораснаа по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за блокада на иранските бродови што минуваат низ Ормускиот Теснец. Брент нафтата скокна над 85 долари за барел и забележа неделен раст поголем од 10 отсто.

Порасна и цената на американската WTI нафта, која се тргуваше меѓу 79 и 80 долари за барел. Новите мерки предизвикаа загриженост за снабдувањето преку еден од најважните светски поморски правци за транспорт на енергенси.

Блокадата беше најавена во понеделникот и требаше да стапи во сила истиот ден во 16 часот по источноамериканско време. Трамп првично побара и надомест од 20 отсто за секој товар што минува низ теснецот, со образложение дека САД треба да бидат компензирани од земјите што имаат корист од американските напори за обезбедување на пловниот пат.

Меѓу земјите што ги наведе се Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Бахреин и Кувајт. Подоцна истиот ден, Трамп соопшти дека директната такса ќе биде заменета со трговски и инвестициски договори меѓу земјите од Заливот и Соединетите Американски Држави.

„Врз основа на многу продуктивни разговори со блискоисточното раководство, одлучив да ја заменам 20-процентната американска такса со трговски и инвестициски договори“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Трут соушл“.

Мерките следуваат по обновените судири меѓу Вашингтон и Техеран. Соединетите Американски Држави се обидуваат да го ограничат капацитетот на Иран да го попречува поморскиот сообраќај, додека Техеран возвраќа со напади врз американските сојузници во регионот.

Меѓународната поморска организација на Обединетите нации веќе изрази противење на задолжителните такси во Ормускиот Теснец, оценувајќи дека тие се незаконски.