Јаневска: Приемниот испит откри несогласување меѓу оценките и реалното знаење – следуваат измени во законот за оценки
Во подготовка се законски измени, откако стана јасно дека половина од учениците со сите петки не го положиле приемниот испит во скопската гимназија „Георги Димитров“. Ова денеска го објави министерката за образование и наука Весна Јаневска од собраниската говорница, посочувајќи дека „нереалното оценување“ мора да престане.
Половина од одличните ученици не положиле – ќе се укине влијанието на наставнички совет
На приемниот испит што неодамна се одржал во „Георги Димитров“, полагале 75 ученици кои во сведителствата имале сите петки, но според податоците, 50% од нив не го положиле испитот. Министерството тоа го толкува како сериозен сигнал за несоодветност помеѓу запишаните оценки и реалното знаење.
„Можеме со измена во законот, како што ние рековме, наставнички совет да нема право да поправа оценки. Завчера во ‘Георги Димитров’ полагаа 75 ученици со сите петки, а 50 проценти не го положија испитот. Нема повеќе поправање на оценки на наставнички совет. Ако сака ученикот да поправи оценка, ќе си дојде заедно со родителот и ќе полага пред комисија, а не со кренање рака на наставнички совет затоа што родителот ни се допаѓа или затоа што така рекол градоначалникот“, рече Јаневска.
Се подготвуваат системски измени за да се врати довербата во образовниот систем
Министерката потенцираше дека ќе иницира измени во законот каде што ќе се укине практиката наставничките совети да одлучуваат за корекција на оценките без реална проверка.
„Нови измени на законот ќе правам за се што ќе видам дека не функционира на терен затоа што неопходно е системот на образование да профункционира. Младите ни отидоа затоа што не функционира системот на образование, затоа што оние што заслужиле петки не сакаат оној што има двојка да му се поправи оценката во петка на наставнички совет“, истакна Јаневска.
Во случајот со „Георги Димитров“, големиот број кандидати ги надминал расположливите слободни места. Поради тоа, бил организиран приемен испит наместо директен упис.
По неуспехот на 50% од одличните ученици на приемен во „Георги Димитров“, Јаневска најави измени во законот за оценки.