Активностите се дел од проектот на Светска Банка насочен кон олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, во чии рамки за реконструкција на граничните премини Ќафасан и Деве Баир се одобрени се 4.1 милион долари, најави директорот на Царинската управа, Горан Сугарески.

-Со зголемување на меѓународното значење на граничниот премин Деве Баир и зголемената фреквенција на промет на патници и стоки, се наметнува потреба од проширување на преминот со по две дополнителни сообраќајни ленти за влез и излез од државата. Модернизацијата и стандардизацијата на граничните премини се дел од активностите кои ги преземаме во насока на намалување на корупцијата, што е наш приоритет и точка високо ставена на приоритетната листа на Владата. Со овој проект планирана е реконструкција на управната зграда на патниот премин и на пристапниот пат до терминалот за тешки возила заради негово непречено користење во зимски услови, како и изградба на нова пречистителна станица и поставување на нова колска вага. Царинската управа има директна улога во зголемувањето на економскиот раст на земјата и создавање на поповолна деловна клима, изјави вчера Сугарески.

Посочи дека во насока на откривање и казнување на корупцијата, континуирано собираат информации од учесниците во царинските потапки со давање на гаранција на анонимност преку: отворената бесплатна царинска линија 197, електронска пријава поставена на веб-страницата на управата, како и по писмен пат или непосредно.

-Три години по ред ја спроведуваме и промотивна кампања „Стоп за корупцијата” која има за цел подигнување на јавната свест за пријавување случаи на корупција, судир на интереси и злоупотреба на службените овластувања на царинските службеници. Како резултат на ова, зголемен е бројот на примени поднесоци во 2020 година, споредено со 2017, 2018 и 2019 година, дополни Сугарески.