Очигледно е дека голем дел од пожарите кои моментално беснеат низ Македонија се подметнати. Полека се гледаат докази за сите пожари кои избувнуваат периодов.
Пожарот што синоќа ја зафати околината на Смилковското Езеро и Железара не е случаен, туку подметнат – обвинија јавно градоначалниците на Гази Баба и Бутел, како и министерот за внатрешни работи. Институциите потврдуваат: има фотографии, изјави од очевидци и сомнителен образец на појава на пожарите.
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, кој беше на теренот додека пожарникарите се бореа со огнената стихија, јавно објави докази – меѓу нив и фотографии од изгорени ракавици и остатоци од гуми, кои биле пронајдени токму во жариштето.
„Еве ги доказите: Остатоци од изгорена гума и ракавици се пронајдени на Смилковското Езеро. Сѐ е јасно, пожарот е подметнат. Жалосно е ако некој мисли дека на овој начин ќе добие политички поени“, напиша Стефковски на Фејсбук, објавувајќи фотографии од теренот.
Погледнете ги фотографиите:
И неговиот колега, градоначалникот на Бутел Дарко Костовски, на социјалните мрежи порача дека има многу очевидци кои веќе дале изјави во МВР и потврдуваат дека пожарот бил подметнат.
Ова не е прва ваква ситуација. Вака беше и кај Блаце.
(ВИДЕО) ПРОНАЈДЕНИ ПАЛЕТИ СО БЕНЗИН ВО СМРЕКИ: Намерно потпален пожарот кај Блаце?
Дополнително, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски синоќа по итниот состанок на Kризниот штаб во Владата рече дека сите вчерашни пожари биле подметнати.
– Имаме доволно индиции. Не е случајност – додека се гаснеше еден пожар, почнуваше друг, па трет… Сѐ е многу симптоматично. Не можам да откривам детали за да не ја загрозам предистрагата – изјави Тошковски.
Пожарот зафатил широка територија, а благодарение на брзата реакција на службите, бил спречен да стигне до населените места и до фабриките во Железара, потврди Стефковски. На терен се интервенирало со сите расположливи сили, меѓу кои Противпожарната бригада, екипи од „Комунална хигиена“ и МВР.