Најголем напад со беспилотни летала врз Украина – 700 дронови соборени за една ноќ
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија извршила најголем напад со беспилотни летала од почетокот на војната. Во текот на една недела, според него, биле лансирани најмалку 1.800 дронови врз Украина, јави ДПА, повикувајќи се на објава на Зеленски на каналот Телеграм.
Дополнително, во рамки на овој масовен воздушен напад, само во една ноќ украинската одбрана соборила повеќе од 700 дронови, соопшти украинскиот претседател.
Зеленски обвини дека Русија го засилува теророт врз цивилното население низ целата територија на Украина. Тој наведе и други податоци за тековната офанзива.
- „Русите го зголемуваат теророт врз градовите и општините, за дополнително да ги заплашат нашите луѓе,“ напиша Зеленски.
Притоа, руските сили во изминатата недела фрлиле над 1.200 лизгачки бомби, а ланирале и 83 ракети врз различни региони низ Украина, пренесува германската агенција.
Специјални украински дронови-пресретнувачи собориле стотици ирански „Шахед“ дронови
Зеленски ја пофали работата на украинската противвоздушна одбрана, нагласувајќи ја улогата на специјално развиените дронови-пресретнувачи, кои се користат за заштита од масовните напади.
- „Специјално развиените дронови-пресретнувачи неделава соборија стотици борбени дронови ‘Шахед’, произведени во Иран, а што беа лансирани врз Украина,“ рече тој.
Претседателот истакна дека неодамна имал серија состаноци со западни партнери, со цел понатамошен развој и набавка на нови одбранбени беспилотни летала.
Три години отпор со западна поддршка – Русија ги засилува ноќните воздушни напади
Украина веќе повеќе од три години се брани од целосната руска инвазија, и тоа во голем дел со поддршка од западните сојузници и нивното оружје.
Во последните недели, Русија значително ги засили ноќните воздушни напади врз Украина, особено врз градови и инфраструктура.
Зголемувањето на нападите според украинските власти, е јасен показател за зголемениот интензитет на воените операции и новиот модел на напад.