По 15 години изградба, Романија ја отвори својата нова национална катедрала во Букурешт, која стана најголемата православна црква во светот. Отворена пред две недели, катедралата веќе ја посетуваат стотици илјади Романци од земјата и дијаспората.

Импресивната градба, висока 127 метри, може да прими 5.000 верници во внатрешноста, а десетици илјади на отворениот простор околу неа.

Новата катедрала е и новото седиште на Романската православна црква, која досега се наоѓаше во помалата патријархална црква од 17. век, во центарот на главниот град.

Идејата за изградба на национална катедрала постоела повеќе од еден век, но проектот бил постојано одложуван поради војни, комунизмот и транзицијата што следела пред влезот на земјата во Европската Унија.

Портпаролот на Патријаршијата, свештеникот Адријан Агачи, изјави дека околу 40.000 верници ја посетуваат катедралата секојдневно.

Сместена зад зградата на романскиот парламент, симбол на комунистичката ера, катедралата досега чинеше околу 270 милиони евра, најголемиот дел од јавни средства — што во земјата предизвика реакции и критики заради високите трошоци.