Брод полн со Рохинџи кои бегаат од мјанмарската држава Ракин, потона, при што загинаа најмалку 23 лица.

Триесет од нив се уште се водат како исчезнати, додека за осуммина се вели дека преживеале.

Преживеаните изјавиле дека се обидувале да стигнат до Малезија кога нивниот брод со повеќе од 50 патници потонал и екипажот го напуштил, јавува Би-Би-Си.

Секоја година, илјадници Рохинџа, бегајќи од прогонот во Мјанмар и преполните бегалски кампови во Бангладеш, се обидуваат да стигнат до Малезија или Индонезија со брод.

Меѓу загинатите оваа недела има 13 жени и 10 мажи. Сите биле муслимани, соопшти спасувачкиот тим.

Муслиманските Рохинџи се етничко малцинство во мнозинскиот будистички Мјанмар.

Многумина од нив побегнале од геноцидот на бурманската армија во Бангладеш во 2017 година. А оние кои останале во Мјанмар се обидуваат да избегаат од 2021 година, кога се случи воениот удар.

Преживеаните од потонувањето на бродот оваа недела се сеќаваат дека биле погодени од голем бран во близина на главниот град Ракин.

Тие велат дека шверцерите, на кои им биле платени околу 4.000 долари по човек за да патуваат во Малезија, потоа го напуштиле бродот. Телата на жртвите ги земале други бродови или морето ги однело на плажата.

Долгото патување низ Андаманското Море со преполни рибарски чамци е секогаш опасно, но особено во овој период од годината, во екот на сезоната на монсунските бури.

Повеќето од Рохинџите се обидуваат да побегнат помеѓу октомври и мај.

Тие се подготвени да преземат ризици и честопати ги продаваат своите единствени средства, како што е земјата, за да го финансираат патувањето, поради немилосрдно страшните услови во кои се принудени да живеат, или како бегалци во ужасно преполните кампови преку границата во Бангладеш, или подложени на дискриминација и ограничувања на нивното движење во Мјанмар.