Локалните власти денеска информираа за 25 смртни случаи, но се стравува дека бројката на пронајдени безживотни тела ќе биде многу поголема.
-Спасувањето животи е врвен приоритет, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг.
Поплавените води го зафатиле подземниот транспортен систем, каде стотици луѓе беа заробени во возови, а исто така и во тунели, јавија државните медиуми и очевидци на социјалните мрежи.
На видеата, додава ДПА, се гледа како водата е стигната до рамениците на луѓето.
За време на евакуацијата околу 600 сериозно болни пациенти морале да бидат однесени на безбедно од универзитетската болница во Женгжу, а струјата во болницата била исклучена.
-Ваков вид на врнежи од дожд вообичаено се случуваат еднаш на 100 години. Ситуацијата е мрачна, се наведува во соопштението од централата за контрола на поплавите во Женгжу, главниот град на провинцијата Хенан, пренесено од весникот „Чајна дејли“.
Многу улици во Женгжу се поплавени. Автомобилите и автобусите се заглавени. Снабдувањето со вода и електрична енергија на повеќе места во градот е во прекин. Сообраќајот е практично парализиран. Подземната мрежа е во застој, а брзите возови се откажани. Аеродромот во Женгжу ги откажа сите дојдовни летови до денеска до 12 часот (04:00 часот по Гринич), јави радиодифузерот ЦГТН.
Во соседниот град Гонѓи, властите пријавија четири жртви, пренесува ДПА.
Дождовите во Хенан беа активирани од тајфунот Ин-Фа, што исто така предизвика сериозни временски неприлики во провинциите Жеџијанг и Фуџијан.