Повеќе од 40 лица загинаа во сообраќајна несреќа во која автобус падна во клисура во јужната пакистанска провинција Балучистан, јавија локалните медиуми.
Хамза Анџум, заменик-комесар за Лазбела, област во Балучистан, изјави дека возилото најпрво удрило во мост, по што паднало во клисура и се запалило.
Тој додаде дека 41 лице од вкупно 48 загинале. Автобусот бил на пат кон јужниот град Карачи.
Сообраќајните несреќи со фатални последици се чести во Пакистан, каде сообраќајните правила ретко се спроведуваат, а патиштата во многу рурални области се во лоша состојба.
Најмалку 22 патници загинаа во јуни, вклучително и девет членови на едно семејство, кога комбе падна во провалија во Балучистан.