Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека најмалку шест од десет лиценцирани компании за производство на медицински канабис се во постапка за одземање на лиценците по извршените контроли. Тој ова го соопшти во изјава за ТВ Телма.
– Од досега процесираните компании, од 10 најмалку 6, сега се во постапка на одземање на лиценците, затоа што не ги исполнуваат условите за лиценцирање предвидени во законот – рече Алиу.
Министерот додаде дека не може да изнесе повеќе детали за причините што ја навеле стручната комисија при Министерството за здравство да покрене постапка за одземање на лиценците, бидејќи процесот сè уште е во тек.
На прашање дали може да ги соопшти имињата на компаниите, Алиу рече дека не сака тоа да го направи во оваа рана фаза и дека постапката ќе заврши во вторник, кога ќе бидат соопштени причините и имињата на компаниите за кои Комисијата утврдила дека не ги исполнуваат условите.
Ударен наслов:
Алиу: Најмалку 6 од 10 компании за медицински канабис се пред одземање лиценца
