Најмалку 68 мигранти го загубија животот, а десетици се водат како исчезнати по потонување на брод кај Абјан
Најмалку 68 мигранти го загубија животот кога брод со околу 150 луѓе потона покрај јужниот брег на Јемен. Несреќата се случила во раните утрински часови вчера, а уште 74 лица се водат како исчезнати, соопштија здравствените власти во областа. Пловилото, кое било преполно, не успеало да се справи со лошите временски услови во близина на покраината Абјан.
Бродот превезувал вкупно 154 мигранти од Етиопија кога потонал покрај јужниот брег на Јемен. Според изјавата на Абдусатор Есоев, раководител на Меѓународната организација за миграција во Јемен, повеќето од патниците се водат како исчезнати и се претпоставува дека се мртви.
„Телата на 54 загинати мигранти беа исфрлени на брегот во округот Канфар. Дополнително, 14 тела беа пронајдени и пренесени во болничката мртовечница во градот Зинџибар, кој се наоѓа на јужниот брег на покраината Абјан,“ изјави Есоев.
Потрагата по преживеани продолжува и покрај малите шанси
Есоев потврди дека само 12 мигранти го преживеале бродоломот. Судбината на преостанатите патници засега останува непозната. Според него, бројот на жртви најверојатно ќе се зголеми во наредните денови. Двајца здравствени работници кои се на терен соопштија дека потрагата по преживеани сè уште е во тек и покрај тешките услови.
Сведоштва од локалните спасувачки тимови укажуваат на тоа дека условите на морето биле крајно опасни. Тоа дополнително ја отежнало операцијата за спасување. Оваа трагедија уште еднаш го истакна ризикот со кој се соочуваат мигрантите кои патуваат по оваа патека.