Најмалку тројца американски маринци загинаа, а 20 се повредени откако воен авион „Оспреј В 22“ се урна за време на воени вежби на остров во северна Австралија. Петмина од повредените се во тешка состојба и се префрлени во болница, соопштија официјални лица, пренесе Си-ен-ен.

Авионот, во кој имало вкупно 23 американски маринци, се урнал околу 9:30 часот по локално време на ретко населениот остров Мелвил кој е оддалечен на околу 60 километри од австралиското копно.

Американските власти соопштија веќе е започната истрага за причините за инцидентот.

Премиерот на Австралија, Ентони Албанес, го опиша инцидентот како трагичен, велејќи дека на повредените ќе им биде пружана сета потребна помош. Додаде дека властите сè уште се обидуваат да откријат што точно се случило.

„Сакаме да бидеме сигурни дека сите информации што се обезбедени се апсолутно точни“,им рече тој на новинарите.

Авионот „Оспреј“ беше дел од воените вежби „Predator’s run 2023“ во кои учестуваат 2 500 војници од САД, Австралија, Филипините, Источен Тимор и Индонезија.

Северна Австралија стана важен терен за американската војска во последниве години, бидејќи Вашингтон и Канбера соработуваат за да се спротивстават на зголеменото влијание на Кина во азиско-пацифичкиот регион.