Најмладиот пациент во Македонија што оди на дијализа има три години, а најстариот околу 90 години. Вкупно 61 лице одат повеќе од 20 години на дијализа или од 20 до 43 години во континуитет на дијализа, кажа Павлинка Балиска, психолог и координатор во Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ кое денеска го одбележа Светскиот ден на бубрегот под мотото „Здрави бубрези за сите: Подготовка за неочекувани ситуации, поддршка на ранливите лица”.
Притоа беше соопштено дека бубрежните болести се незаразни, а 850 милиони луѓе ширум светот имаат некоја форма на ваква болест. Беше нагласено дека целта на кампањата на Светскиот ден на бубрегот и активностите што се реализираат во месец март, е да се истакне дека превенцијата е клучна за намалување на човечките и економски трошоци од хроничната бубрежна болест.
Вулнет Мемеди од Клиниката за нефрологија, го поздрави денешниот настан за подигање на свеста за постоење на бубрежни заболувања.
Иако Клиниката за нефрологија е во секојдневен директен контакт со пациентите на коишто им е неопходен нефролошки третман, сепак пораката што денеска ја испраќаме е дека се задолжителни и понатамошни активности за уште подобра здравствена услуга на пациентите со бубрежна болест. Како што се, соработка помеѓу лекарите, пациентите но и надлежните институции, што може да придонесе промени во здравствениот систем, нагласи Мемеди.
Од „Нефрон“ потсетија дека постојат 20 години и имаат 1.500 членови пациенти на дијализа и 240 со трансплантиран бубрег.
Терминалниот стадиум на хроничната бубрежна болест е тешка состојба, бара континуирано лекување и нега. Оваа состојба одредува посебен начин на живот, со многу одрекувања, со постојани третмани кои траат 4-5 часа секој втор ден во центар за дијализа. Сепак, дијализата го продолжува животот, а трансплантацијата наполно го променува, рече меѓу другото, Душко Ѓоргиев, претседател на Здружението.
Педесет и едногодишниот пациент Киро Христовски, кому по осум години одење на дијализа пред година и половина му е трансплантиран бубрег, рече дека со трансплантација заболените се враќаат скоро на нормален живот.
Органодарителството значи многу. Хуман гест и спасување на човечки животи, нагласи тој во изјава за медиумите, притоа истакнувајќи ја големата улога на ваквите здруженија како ,,Нефрон”.
Од Здружението информираа дека овој месец, со помош на здравствените установи и центрите за дијализа, низ целата држава се спроведуваат акции за подигнување на свеста за грижата за бубрежното здравје и преку едукација и организирани мерења на шеќерот во крвта и крвниот притисок и делење медицински совети, бесплатно ќе им се овозможи на голем број граѓани навремено да ги откријат, но и да превенираат и спречат бубрежни болести. Беше спомената и едукацијата во училиштата.