Најмногу случаи вчера се забележани во главниот град – 140, во Куманово се регистрирани 38 нови случаи, а најмалку – по еден случај вчера има во Радовиш, Виница, Крушево, Демир Хисар и Македонска Каменица.
Министерството за здравство информира дека заклучно со 9 октомври, вакцинирани се 795.186 граѓани, а ревакцинирани се 748.563. Во текот на викендот аплицирани се вкупно 4.418 вакцини, од кои како прва доза се аплицирани 1.132, а ревакцинирани се 3.129.
Согласно податоците од Министерството, 53 проценти од граѓаните над 40-годишна возраст се вакцинирани со две дози, а 33 отсто од граѓаните на возраст од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
– Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина, соопшти Министерството за здравство.
Следејќи ги искуствата на европските земји и САД, Министерството препорачува трета доза „Фајзер“ на сите граѓани, без разлика на возраста и дали се хронично болни. Комитетот за имунизација препорача трета доза не само за лица над 60 години и за здравствени работници, туку и за кои било други граѓани доколку се изложени на ризик од Ковид-19, поради тоа што имаат чести контакти на работа или приватно, без оглед на возраста и дали имаат или немаат хронични болести.
Податоците од Министерството покажуваат дека до 9 октомври трета доза примиле 782 граѓани.
Во земјата, заклучно со вчерашните податоци направени се вкупно 1.323.365 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 194.891, бројката на оздравени пациенти е 181.031, на починати е 6.831, а бројот на активни случаи изнесува 7.029.
Во моментов, најмногу активни случаи има во Скопје – 3495, Куманово е на второ место со 636, во Велес има 297, во Охрид 233, во Штип 232.