Најмногу активни случаи има во Скопје – 108, а на територија на државата вкупно 300.
Во статистиката на Министерството за здравство за претходното деноноќие вчера беа регистрирани нови десет заболени од Ковид-19, од кои седум во Скопје и по еден во Прилеп, Тетово и Струга, како и две починати лица.
Според податоците на МЗ, досега се дијагностицирани 156 086 Ковид-пациенти, оздравеле 150 295, а починале 5 491 лице.. Досега во земјата се направени вкупно 955.617 тестирања на Ковид-19.
Од ресорното Министерство секојдневно упатуваат апел до граѓаните да се вакцинираат, бидејќи тоа е најефикасниот начин да се спречи ширењето на вирусот.
Освен вакцинацијата која се одвива во пунктовите низ државата, истовремено продолжува и теренската вакцинација, и тоа денеска на 31 населено место.
Вакцинацијата, како што соопшти Министерството за здравство, ќе се одвива во населените места:
Тетово – Боговиње, Ново Село, Селца, Кече
Берово – Мачево
Гостивар – Балиндол, Турчане
Свети Николе – Павлешенци, Ѓуѓанци
Струмица – Василево
Неготино – Вешје, Д.Дисан
Пробиштип – Стрмош
Кочани – Грдовци
Кичево – Другово, Србјани, Пополжани, Манистирско Доленци
Битола – Беранци, Д.Српци, Лознани, Вашарејца, Новоелани, Ивањевци, Свето Тодори, Подино, Трновци
Македонски Брод – Брезница, Близанско, Тажево
Велес – Оризари
Вчера почна и пријавувањето за вакцинирање во домашни услови.
Ова важи за граѓаните кои поради здравствени причини не се во можност да дојдат и да примат вакцина против КОВИД на вакциналните пунктови.
Закажувањето е преку директно јавување во здравствените домови, а може да го направат и директно со пријавување на пунктовите за вакцинација, соопшти Министерството за здравство.
Чешката влада вчера донесе одлука да испрати како подарок 2,39 милиони вакцини против Ковид-19 на 12 земји, вклучувајќи ги и Северна Македонија, Босна и Херцеговина и некои земји во Африка и Азија, меѓу кои и Тајван. Донацијата се заснова на договорот на лидерите на земјите-членки на Европската унија да испорачаат 100 милиони дози вакцини на трети земји.
Инаку, вакцинацијата масовно продолжува и во останатите држави.
Во Данска на лицата кои примиле две различни вакцини против Ковид-19, ќе им биде понудена и трета доза на вакцина.
Како што соопштија од Министерство за здравство во Данска, причина за ова е тоа што неколку земји надвор од ЕУ и Шенген зоната при влез во земјата на оние кои се вакцинирани со различни вакцини не им признава дека се целосно имунизирани.
Тоа може да предизвика проблеми со патувањата за речиси 150 000 дански граѓани кои примиле две различни вакцини против Ковид-19.