Македонскиот пасош се искачи на 41-то место на листата на најмоќни пасоши во светот

Македонскиот пасош се искачи на 41-то место на листата на најмоќни пасоши во светот, покажува најновото ажурирање на Индексот на пасоши Хенли (Henley Passport Index) објавено во декември. Со можност за патување во 129 земји без претходно добивање виза, Македонија оваа позиција ја дели со Самоа и Тонга.

Во споредба со земјите од регионот, Македонија се наоѓа зад Грција, која е на петтото место, Словенија на шестото, Хрватска на седмото, Бугарија на 12-тото и Србија, која е рангирана на 35-то место. Под македонската позиција се Црна Гора на 42-то место, Босна и Херцеговина на 45-то, Албанија на 46-то и Косово на 61-то место.

На врвот на глобалната листа повторно се наоѓа Сингапур, чиј пасош овозможува безвизен пристап до 193 земји. Според објаснувањето на авторите на индексот, оваа позиција е резултат на долгорочна политика насочена кон трговија, дипломатија и меѓународна отвореност, што се рефлектира во континуитетот на високото рангирање низ годините.

Јужна Кореја и Јапонија се на втората и третата позиција, задржувајќи го врвот благодарение на стабилните билатерални односи и силните регионални и глобални врски. Истовремено, европските земји и понатаму го формираат ‘рбетот на самиот врв на рангирањето.

Според податоците од индексот, дури 21 европска држава се рангирани помеѓу четвртото и шестото место, што укажува дека Европската унија и натаму функционира како еден од најсилните блокови во однос на слободата на движење на своите граѓани.

Сингапур на врвот на најмоќни пасоши во светот

Рангирањето се базира на податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), при што пасошите се оценуваат според бројот на дестинации што можат да се посетат без виза или со виза добиена по пристигнувањето. Индексот опфаќа 199 различни пасоши и 227 дестинации за патување.

Сите информации дополнително ги проверува и ажурира компанијата Хенли и Партнерс преку свој истражувачки тим. За секоја дестинација се доделува по еден поен доколку пристапот е без виза или со виза по пристигнувањето, а вкупниот број на поени го определува рангирањето. Во пресметката не се вклучуваат субјективни фактори како економската состојба или безбедноста.

Според основачите, податоците од индексот ги користат владите и дипломатските служби за следење на надворешните односи и договорите за патување, организациите што ја анализираат меѓународната мобилност и туризмот, како и медиумите и аналитичарите за прикажување на глобалните трендови во поврзаноста меѓу државите. Индексот го користат и патници, деловни луѓе, инвеститори и консултанти при планирање меѓународни активности и движења. Хенли индексот се смета за најцитиран глобален стандард за мерење на јачината на пасошите.

Авторите на рангирањето нагласуваат дека индексот не ги оценува животниот стандард, платите или квалитетот на живот, туку исклучиво слободата на движење. Според нив, силата на еден пасош е показател за тоа колку една земја е поврзана со светот и колкава доверба ужива кај другите држави.

Во октомври македонскиот пасош беше рангиран на 42-то место, додека минатата година Македонија се најде на 45-та позиција на истата листа.