Повардарската Епархија денеска, на 20 јануари, на денот на Св.Јован Крстител за првпат го прославува својот патрон на најновата велешка црква „Св Јован Крстител“ во месноста Багремче во најновиот дел на Велес.

По тој повод утрово во 8:15 часот со Света Златоустова Литургија ќе чиноначалствува Неговото Високопреостештенство Митрополитот Повардарски Агатангел.

Во пресрет на празникот синоќа свештеници од оваа црква и Епархијата Повардарска отслужија Вечерна Богослужба и потоа поделија Славски Колач на присутните православни верници кои дојдоа на Богослужбата.

Инаку Црквата „Св Јован Крстител“ беше осветена на 23 октомври минатата година.

Изградбата на црквата „Св Јован Крстител“ заврши во јануари 2020 години, а се градеше четири години и пет месеци, почнувајќи од 30 август 2015 година кога беше осветен камен-темелник.

Новата црква се градеше според архитектонското решение на Благој Здравев архитект од Штип, а техничката изведба ја изврши градежната фирма „Тргоцемент“ од Велес.

За скоро три години со извесни прекини, црквата беше фреско – живописана од двајцата велешки зографи Велко Свеќаров и Гоце Василески.Иконостасот го изработи Љубомир Бисинов.

Во рамки на црковниот комплекс изградена е и камбанарија, на која на 17 септември 2019 година беа поставени три камбани, како и црковно-административни простории, а изграден е и параклис посветен на „Свети Агатангел Битолски“.

Оваа најнова црква во Велес се изгради со средства на Повардарската Епархија како и со доброволни прилози на православните верници.