Сериозна владина корупција, мешање на извршната власт во судството, но и сериозни ограничувања во слободата на медиумите со насилство и закани врз новинари – во најновиот извештај за Македонија, Стејт департментот ги нотира и измените во Кривичниот законик со кои застарија бројни кривични дела за висока корупција.

„Имаше бројни извештаи за владина корупција. Во септември, владата усвои измени на Кривичниот законик, значително намалувајќи ги обвиненијата и казните за кривични дела поврзани со корупција. Невладините организации тврдеа дека како најголем работодавач во земјата, доминантната улога на владата во економијата, создава широки можности за корупција“, се вели во Извештајот на Стејт Департментот.

Иако Уставот гарантира слободна судска власт, владата не ја почитувала судската независнот и непристрасност. Вашингтон го бележи и незаконското постапување на Судскиот совет, но и политичкото мешање во работата на највисокото судско тело.

„Веродостојните извештаи за неоправдано судско несоодветно однесување, непотребен политички и деловен притисок врз судиите, непотизам, клиентелизам, долготрајна правда, несоодветно финансирање, отпор кон користење на законски задолжителна технологија и недоволен кадар, ја попречија судската ефикасност и влијаеше на довербата на јавноста во владеењето на правото“ пишува во Извештајот.

Во извештајот е наведен и предметот на скопското обвинителство за „Онкологија“ дека персоналот на Државната клиника крадел лекови за рак и ги продавал на црниот пазар.

Извештајот опфаќа 200 држави и териории во светот, а во делот за Бугарија, Вашингтон се осврнува и на односот и непризнавањето на бугарските власт врз етничко-македонските активистички групи и нивната регистрација, и покрај сите претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување.

И судските власти во Бугарија постапуваат идентичко како и институциите, а тоа се докажува со одбивањето на регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден – Пловдив, се вели во извештајот, со образолжение дека целите на групата и признавањето на македонското етничко малцинство биле насочени кон поделба на нацијата и можност да се создадат услови за етнички конфликт.

Извор: ТВ Алфа