Американскиот претседател би можел да се повлече од натамошното ангажирање околу војната во Украина, изјави неговиот најстар син на Трамп, за време на конференција на Блискиот Исток, каде што изнесе остри критики кон украинското раководство и начинот на кој се води војната.
Одговарајќи на прашање дали неговиот татко, кој кампањски ветуваше дека може да донесе мир, би можел целосно да се повлече од процесот, Трамп помладиот изјави дека тоа е можност, нагласувајќи дека Доналд Трамп е „еден од најнепредвидливите луѓе во политиката“. Тој додаде дека САД во иднина нема да бидат, како што рече, „будала со чековна книшка“.
Во говорот, кој во голем дел беше насочен против продолжувањето на борбите, Трамп помладиот тврдеше дека богатите и, според него, корумпирани Украинци одамна ја напуштиле земјата, додека на фронтот биле испраќани „сиромашни селани“.
Како пример, тој раскажа дека летово престојувал во Монако со неговата партнерка Бетина, каде, според него, во еден просечен ден околу половина од луксузните автомобили – „бугати“, „ферари“ и други суперавтомобили – носеле украински регистарски таблички, пренесе „Белорусија Некст“.
Најстариот син на Трамп со критики кон Зеленски
На крајот од обраќањето, Трамп помладиот го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека ја продолжува војната затоа што, како што рече, знае дека никогаш не би победил на избори доколку конфликтот заврши. Тој оцени дека Зеленски е третирано како „речиси божество“ од левицата, но истовремено тврдеше дека Украина е „многу покорумпирана“ од Русија.
Тој упати критики и кон Европската Унија, конкретно кон високата претставничка за надворешна политика Каја Калас, тврдејќи дека европските санкции не дале резултат, туку напротив, ја зголемиле цената на нафтата, што, според него, Русија го користи за финансирање на војната. Европскиот пристап го опиша како стратегија на „чекање Русија да банкротира“.
Дополнително, Трамп помладиот рече дека за време на изборната кампања во 2022 година сретнал само три лица кои ја сметале војната во Украина за едно од десетте најважни прашања. Наспроти тоа, како многу поголема и понепосредна закана за САД го наведе ризикот од венецуелски бродови што носат фентанил.
Иако нема формална функција во администрацијата на својот татко, Доналд Трамп помладиот важи за влијателна фигура во движењето MAGA. Неговите изјави, според оценките, го одразуваат ставот на дел од тимот на Трамп кон украинската власт и доаѓаат во период кога преговарачкиот тим на поранешниот претседател врши притисок врз Киев за можни територијални отстапки.
