Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес им се обрати на граѓаните со видео-порака во која предупреди дека земјата се наоѓа во еден од најтешките и најкомплексните моменти од почетокот на руската инвазија. Тој посочи дека Украина е под исклучително силен политички и дипломатски притисок од САД, додавајќи дека следните недели ќе бидат пресудни.
Зеленски отворено зборуваше за тежината на одлуките што Киев ќе мора да ги донесе.
„Сега доживуваме еден од најтешките моменти во нашата историја. Во моментов, Украина можеби ќе мора да направи исклучително тежок избор: или да го изгуби достоинството, или да ризикува да изгуби клучен партнер. Или тежок план од 28 точки, или исклучително сурова зима, најсуровата, и дополнителни ризици што претстојат. Живот без слобода, достоинство и правда, и принудување да се верува на некој што веќе нè нападна двапати. Тие ќе чекаат наш одговор.“
Тој подвлече дека политичкиот притисок е поголем отколку во било кој момент досега.
„Притисокот врз Украина во моментов е меѓу најтешките досега“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател најави дека Киев ќе бара конструктивни решенија во разговорите со САД, но останува решен да не остави простор за сомневање во украинската подготвеност за мир.
„Ќе има конструктивно барање решенија со САД. Ќе презентирам аргументи, ќе убедувам и ќе понудам алтернативи, но нема да му дадеме на непријателот никаква причина да каже дека Украина не е подготвена за мир“, нагласи тој.
Во пораката Зеленски направи и сериозна метафора за издржливоста на нацијата:
„Ние, се разбира, сме направени од челик, но дури и најсилниот метал на крајот може да попушти.“
Тој повика на единство и смирување на внатрешните конфликти, предупредувајќи дека тоа е клучно во период кога Украина се соочува со комбинирани политички и информативни напади.
„Мора да се собереме, да се освестиме, да ги запреме меѓусебните конфликти и токсичните расправии. Државата мора да дејствува како единствен ентитет. Не смееме да го изгубиме од вид кој е нашиот вистински непријател.“
Зеленски додаде дека довербата на народот останува неговата најголема сила.
„Тогаш не ја предадовме Украина и нема да ја предадеме сега. Знам дека народот е со мене.“
Тој најави дека следната недела ќе биде „особено тешка“, со засилен политички и медиумски притисок со цел да се предизвика дестабилизација.
„Следната недела ќе биде тешка. Ќе има многу притисок – политички и информативен, со цел да се обидеме да нè разделиме и дестабилизираме“, рече Зеленски
