Чулев незаконски бил отпуштен од работа, судот пресудил во негова корист

 

Поранешениот директор на Агенцијата за разузнавање и министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, објави дека судот донел пресуда во негова корист дека незаконски му бил  одземен безбедносниот сертификат и незаконски бил отпуштен од работа во Агенцијата. Тој вели дека со години трпел  јавно понижување и дискредитација, медиумски конструкции и лажни наративи, како и силен притисок врз неговото семејство и неговите деца.

„Денес ви се обраќам не само како Наќе Чулев, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање и министер за внатрешни работи, туку пред сè како човек и родител кој помина низ години на понижување, клевети и неправда. Со години бев цел на организирана кампања на дезинформации и политички прогон од претходната власт. Незаконски ми беше одземен безбедносниот сертификат и незаконски бев отпуштен од работа. По долга и исцрпувачка борба, судовите во Македонија тоа јасно го утврдија и го запишаа во своите пресуди. Тоа беа години на јавно понижување и дискредитација, медиумски конструкции и лажни наративи, како и силен притисок врз моето семејство и моите деца. Човек кој речиси 25 години чесно служел во безбедноста на државата и соработувал со меѓународни партнери, одеднаш беше прогласен за „безбедносен ризик“ – не поради дело, туку поради политичка одлука и затоа што јавно зборував за корупцијата и аномалиите во системот“, вели Чулев.

Тој вели дека по долги судски процеси, судовите утврдиле дека одземањето на безбедносниот сертификат и неговото отпуштање биле незаконски, дека целата конструкција била неправична и политички мотивирана, а против сторителите е поднесена кривична пријава за злоупотреба на институциите, за која очекува институциите да постапат, а сторителите да одговараат.

Вели дека не ја пишува оваа објава на социјалните мрежи за освета, туку за вистината да биде јавно запишана.

„Оваа објава не ја пишувам за освета, ниту за саморекламирање, туку за вистината да биде јавно запишана. Да се знае дека човек може да биде понижен, но не мора да биде скршен; дека може незаконски да му се одземе работната позиција, но не и достоинството, искуството и знаењето; и дека вистината, иако привремено сокриена, секогаш излегува на виделина. Ова не е само моја приказна. Многу луѓе и денес водат битки по судови за да ја докажат својата невиност и да ја вратат честа и професионалниот интегритет. Тоа е симптом на поширок проблем – политички прогон и злоупотреба на институциите кои ја разоруваат довербата во државата и ги уништуваат семејствата“, вели ексминистерот.

Тој вели дека ќе продолжи да се бори за општество во кое никој нема да биде гонет затоа што мисли поинаку, во кое институциите нема да бидат алатка за политички прогон и во кое честа, професионалноста и интересите на Македонија ќе бидат пред сè.