За разлика од вчера кога недостасуваа, денеска станиците за технички преглед кои ги посети Канал 5 имаа залихи од налепници, а долгите редици, нервозата и нетрпението пред шалтерите на МВР попладнево ги немаше.
Порелаксирано е, а за разлика од вчера и побргу се стига до налепници, со продолжувањето на рокот до крајот на годината се расчисти и хаосот на станиците за технички преглед.
Па, оттаму и граѓаните кои вчера чекаа со часови ја одобруваат ваквата одлука..
-Одлично поминавме, супер, за 5 минути си ги земавме налепниците, пополнивме формулар и тоа беше целата работа, потписот, сообраќајната им ја дадовме, во ред е и тоа е./ Завршив многу бргу, не чекав. Денеска нема гужва, јас очекував повеќе дека ќе има, меѓутоа нема… /Да добив се, треба да се залепи, само сообраќајната сега треба да ја променам.
Сепак, дел од возачите кои ги затекнавме се револтирани, велат регистрирале возило пред помалку од два месеци, а сепак не им била понудена регистрација со назнака „НМК“, па сега велат се принудени повторно да го поминуваат целиот процес.
-И за лепенки и за сообраќајна, „неќни“ ја регистрирав, нормално дека ме лути губиш време./ Сега на 23 декември ја регистрирав и ништо не ми дадоа, ништо, само ми ја сменија сообраќајната. А, кога регистриравте возилото? Па сега нема две недели/За мене ова е циркус, ова е го малтретираат народот само, зошто да биде едноставно кога може да биде комплицирано./ Се на товар на народот, без секирација, кога бирократијата ќе се исбирократизира таа се дистанцира од народот, не ја интересира.
Кратенката „МК“ во сообраќајните дозволи не е спорна според Преспанскиот договор иако дел од граѓаните стравуваа дека може да им направи проблем при патување. Воедно и од МНР потврдија дека кодот НМК е само за регистарските таблички, а како што кажаа разговарале и со грчките власти од каде е добиено уверување дека кратенката МК во документите не била и нема да биде проблем..