Бројот на граѓани кои побарале медицинска помош поради симптоми на гастроентероколит во Гостивар почна да се намалува, но причината за појавата на епидемиолошката состојба сè уште не е официјално утврдена. Анализите на водата за пиење од градскиот водовод, кои треба да покажат дали постои поврзаност со случаите, сè уште не се објавени.

Од Министерството за здравство информираат дека во текот на вчерашниот ден е забележан пад на бројот на новопрегледани пациенти во споредба со претходниот ден, кога бил достигнат највисокиот дневен број.

„Во текот на вчерашниот ден (19.07) се евидентирани вкупно 564 новопрегледани пациенти во болницата и здравствениот дом, што покажува намалување во споредба со претходниот ден кога биле евидентирани 649 новопрегледани пациенти и кога беше достигнат најголемиот број на новопрегледани пациенти во тек на еден ден“, соопшти Министерството.

Според официјалните податоци, во Општата болница Гостивар досега се регистрирани 1.554 пациенти, додека во Здравствениот дом Гостивар се евидентирани 1.392 пациенти. Четирите лица кои беа хоспитализирани поради состојбата веќе се пуштени на домашно лекување.

Епидемиолошките тимови на Центарот за јавно здравје Тетово и Институтот за јавно здравје продолжуваат со обработка на случаите. Досега се доставени 140 формални пријави и се спроведени 81 епидемиолошка анкета.

Од Министерството посочуваат дека кај најголемиот дел од пациентите клиничката слика е лесна и дека се преземаат сите потребни епидемиолошки, лабораториски и превентивни мерки.

Граѓаните се повикуваат да ги почитуваат препораките за лична хигиена и навреме да побараат лекарска помош доколку се појават симптоми како повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација.

Се чека одобрение за објавување на резултатите од водата

Иако беше најавено дека резултатите од анализите на примероците од водата ќе бидат достапни, тие сè уште не се официјално објавени.

Од Министерството за здравство информираат дека за јавно објавување на резултатите е потребно одобрение од Основното јавно обвинителство, кое ја води постапката за утврдување на причините за состојбата.

Од ОЈО посочуваат дека предистражната постапка сè уште трае и дека се анализираат сите прибрани докази.

„Сите прибрани докази до овој момент, како и доказите кои допрва се очекува да бидат доставени, се анализираат за да се утврди состојбата од која ќе произлезе правна квалификација на евентуално сторено кривично дело и идентификација на сторителите. Постапката сè уште е во фаза на предистрага која е тајна. Веднаш по утврдување на сите околности и донесување на соодветна јавнообвинителска одлука, јавноста ќе биде запознаена“, наведуваат од ОЈО.

Во јавноста претходно се појавија неофицијални информации дека во дел од испитуваните примероци биле пронајдени фекални колиформни бактерии, како и зголемени концентрации на хлор. Овие информации засега не се потврдени од ниту една официјална институција.

Забраната за користење вода за пиење од гостиварскиот водовод останува во сила, а активиран е и Кризен штаб.