Собранието доцна синоќа едногласно по скратена постапка ги донесе Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност и Предлогот на закон за дополнување на Законот за акцизите.

Согласно донесените измени, за денеска е предвидено Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) да донесе одлика за нови цени на горивата, кои ќе важат од утре.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, образложувајќи ги двата предлог закони, рече дека тие се дел од пакетот 26 кризни мерки на Владата, кои треба да му помогнат на стопанството во државата, која е погодена од енергетската криза и ценовниот шок на глобалните пазари.

– Актуелната ситуација во домашната економија, погодена главно од цените на основните производи, од категоријата на прехранбени производи, се преземаат мерки кои ќе го заштитат животниот стандард на граѓаните од повисоките цени, особено најранливите категории од социјален аспект и домашната економија. Со цел да се надмине оваа ситуација, потребно е да се интервенира. Пакетот од 26 мерки во вредност од 400 милиони евра за економска заштита на граѓаните и компаниите, рече министерот Бесими.

Тој посочи дека со мерките се предвидуваат субвенции, односно ваучери за најранливите категории на граѓани од по 1.000 денари за 3 месеци и ќе служат за основни производи за исхрана, а ќе може да ги користат над 35.000 граѓани.

– Пакетот на мерки ги опфаќа прехранбените производи, електричната енергија и горивата. Се намалува повластената стапка на ДДВ за основни производи за човечка исхрана од 5 отсто на 0 проценти, од април до јуни. Се намалува стапката на ДДВ од 18 на 10 проценти при промет на енергентите, дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан и ќе важи до мај оваа година, со намалувањето се заштитува животниот стандард на граѓаните, а од друга страна се зголемува ликвидноста и солвентноста на компаниите, рече Бесими.

Министерот истакна дека се намалува акцизата врз основа на берзанските цени. Тој посочи дека мерката се предлага со цел ублажување на влијанието на зголемените цени на енергенсите на светските берзи и со тоа заштита на куповната моќ на потрошувачите. Мерката ќе има директно влијание врз малопродажната цена на енергенсите.

Заменик-министерот за финансии Филип Николовски, образложувајќи ја потребата од носење на измените и дополнувањата на овие два закони по скратена постапка, рече дека тие треба да се донесат поради брзиот скок на цените, со цел граѓаните и бизнис заедницата да се приспособат на новонастанатите услови.

– Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност има една и единствена цел, а таа е ублажување на последиците од енормниот раст на цените на енергенсите и на основите прехранбени производи на светските берзи, што се прелева и кај нас. Со тоа ќе го заштитиме животниот стандард на граѓаните, особено оние од ранливите категории, кај кои учеството на основните прехранбени производи е доминантно во потрошувачката кошница, рече Николовски.

Тој информира дека изминатите 10 дена биле направени анализи во рамки на експертскиот тим на Владата, заедно со стопанските комори, бизнис заедницата, со цел да се дојде до најдобри решенија. Николовски апелираше што побрзо да се донесат предлог-законите за ДДВ и за акцизи.

Претходно, и премиерот Димитар Ковачевски ги повика пратениците што побрзо да ги усвојат измените и дополнувањата на Законот за ДДВ и Законот за акцизи, за да се обезбеди брза имплементација на донесените мерки за заштита на животниот стандард и ликвидност на компаниите.

Тој посочи дека со измените и дополнувањата на двата закона ќе се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати и ќе се ублажи ценовниот шок.

– Овие Закони се однесуваат на повеќе мерки како што е мерката за намалување на повластената стапка на ДДВ за основните производи за човечка исхрана од 5 отсто на 0 проценти. Мерките за намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на 10 проценти при промет на енергенси и за ослободување од плаќање ДДВ при увоз на енергенси се исто така опфатени, како и мерката за намалување на акцизата согласно берзанските цени. Со овие закони ќе се ублажи ценовниот шок предизвикан од високите берзански цени на нафтата и горивата, напиша Ковачевски на Фејсбук.

Ковачевски потенцира дека со усвојувањето на предлог-законите ќе овозможи да се реализираат дел од планираните владини мерки од пакетот со 26 мерки кои Владата ги донесе неделава, со кои пред сè ќе се ублажи ценовниот шок предизвикан од високите берзански цени на нафтата и горивата.

Од друга страна, Стопанската комора во писмено соопштение апелираше мерките за ублажување на последиците од кризата, да не го нарушат оперативното работење на компаниите.

– Имајќи ги предвид усложнетите економски движења на глобално ниво, што воедно предизвикува и драстично зголемување на цените на нафтените деривати, во услови на несоодветната методологија за пресметка која се применува во Северна Македонија, компаниите членки на Комората од редот на трговците со нафта и нафтени деривати, апелираат за наоѓање на заедничко решение со Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи тие во овој момент работат со загуба, односно набавната цена е поголема од продажната, посочи Стопанска комора.

Деловните субјекти од овој сектор ја поздравуваат одлуката за дневно регулирање на цените на нафтените деривати, но забележуваат на намалувањето на трговската маржа за 33 отсто, која од 4,5 денари сега изнесува три денари од литар, посочувајќи тека тоа ќе го наруши оперативно работење на компаниите, со што „би се довеле во прашање егзистенцијата и понатамошното функционирање на трговците како и целиот енергетски пазар, бидејќи со секој продаден литар гориво генерираат загуби“.