Мерка за намалување на цените на училишниот прибор

Од денеска, Владата ја спроведува најавената мерка со која се задолжуваат трговците за намалување на цените на училишниот прибор за најмалку 10% во големопродажба и 15% во малопродажба. Кампањата, која ќе трае до 15 септември, има цел да го растовари семејниот буџет на илјадници граѓани пред почетокот на новата учебна година.

Владата објаснува дека дел од трговците во пресрет на септември значително ги зголемуваат цените на ранците, ташните, тетратките, блоковите, колажите, моливите и пенкалата, дрвените и мрсните боици, пластелинот, тестата за моделирање, подлогите, фломастерите, текст маркерите, темперните, акрилните и водените бои, четките, линијарите, дидактичките материјали, острилките, гумите за бришење, детските ножици, футролите и етууите, лепилата, шестарите, дигитроните, украсната хартија, папките, картонските ташни и материјалите за изработка.

Со оваа одлука, нагласуваат од Владата, се обезбедува пониска и подостапна цена за сите ученици во државата. Секој трговец е должен, покрај новата намалена цена, да ја истакне и старата, односно базичната цена што важела на 1 јуни 2025 година. Дополнително, пред влезот во продажниот објект или на друго видливо место во продавницата, мора да биде поставен плакат со формат најмалку А3 со натпис: „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ и „ПОПУСТ НА УЧИЛИШЕН ПРИБОР – најмалку 15%“, како што е објавено на веб-страницата на Министерството за економија и труд.

Владата апелира да не се прават обиди за избегнување на оваа мерка, бидејќи Државниот пазарен инспекторат ќе врши теренски контроли за нејзино почитување. Во случаи на непочитување, ќе следуваат санкции, бидејќи секоја одлука донесена во интерес на граѓаните мора да биде спроведена.

Според анализи наведени во соопштението, оваа мерка може драстично да ги намали трошоците на семејствата со ученици, дури и до преполовување. Владата истакнува дека продолжува со носење конкретни мерки кои имаат цел да го подобрат животниот стандард и економската состојба во земјата.