Откако премиерот Ковачевски побара проверка на имотите на вработените во Царина и УЈП, нивните директори најавуваат засилени контроли. Ова барање на премиерот во време кога почнаа штрајкови за повисоки плати, синдикатите го оценуваат како закана и притисок.
Директорката на УЈП Сања Лукаревска ја прифаќа пораката на шефот на партијата во која е потпретседателка и не очекува вработените да бидат против.
Управата за Јавни приходи има законска надлежност да води посебна постапка за имот на физички лица чие потекло не може да се докаже, од која не се изземени и вработените во Управата за јавни приходи, вели Лукаревска во интервју за Локално.
Соочена со закани од генерален штрајк кој реално може да предизвика колапс на економското работење на целата држава, директорката на УЈП Соња Лукаревска во интервју за „Локално“, изразува верба дека сепак ќе се најде заеднички прифатливо решение.
Воопшто не е пријатно да се раководи со институција во која вработените искажуваат незадоволство особено што и јас пред да станам директор на УЈП, дојдов баш од редот на вработените и заеднички се залагавме за подобри права на вработените, вели Лукаревска.
На барањата на вработените во Царинската управа и Управата за јавни приходи кои веќе некое време бараат покачување на платите какво што им следува откако избраните функционери добија 78% повисоки плати, а вработените во Министерството за финансии покачување од 30%, премиерот Димитар Ковачевски одговори со барање да се провери имотната состојба на вработените во овие две институции, што ќе придонесе во зголемување на транспарентноста и општествениот кредибилитет на институцијата.
Мислам дека ако тоа се примени во Царина, ќе се зголеми нивната транспарентост, ќе добијат на тежина и на општествен кредибилитет, бидејќи ако некој нема што да крие, нема ни потреба да не поддржи еден таков процес. Јас и мојата политичка партија сме за ветинг, но ветинг којшто ќе ги опфати сите општествени функционери и треба да се дефинира дали да бидат опфатени и други делови од општеството бидејќи со општествените ресурси не управуваат само избрани и именувани политичари, туку и луѓе кои на пример користат концесии, фреквенции, изјави Ковачевски.
За синдикатите ова барање на премиерот во време кога почнаа штрајкови за повисоки плати е закана и притисок.
Прво треба да се почне со нив самите, затоа што овие скрининзи за Европската Унија што треба функционерите да ги направат, ги водат токму административните службеници. Голем број од административните службеници се веќе во тие преговори. Сметам дека првично треба да се почне од функционерите, а потоа, зошто да не се дојде и до вработените. Изјавата на премиерот Ковачевски може да се окарактеризира и како притисок, вели генералниот секретар на УПОЗ Бојан Трипуноски.
Ковачевски ќе чекал резултати од проверката на имотна состојба на вработените, бидејќи сметал дека платите треба да се услогласат со имотот. Дали ако го погледнеме анкетниот лист на Ковачевски, може да заклучиме дека неговата плата треба да се намали и за колку, прашува во својата реакција портпаролската на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митевска.
Во недостиг на храброст да се поведе постапка за проверка на имот на политичарите, со цел да не се покаже пред јавноста како во Македонија функционерите од власта на ДУИ и СДС повеќекратно имаат зголем имот и банкарски сметки за време на нивното владеење, реперкусиите ги чувствуваат вработените. Додека инфлацијата го јаде животниот стандард, додека во Македонија се живее на работ на сиромаштијата, Ковачевски со ваквите изјави како да има цел да ги предомисли вработените од протести преку кои си ги бараат своите права кои воедно ги заслужуваат, реагира Митевска.
Професорката Најчевска, овој предлог го нарече „политичка перверзија“.
Наместо да се проверува имотот на функционерите, ќе го проверуваат имотот на администрацијата. Наместо да се стават во затвор мафијашите од ДУИ, ќе ја отпуштат Перса дактилографката. Наместо да одговараат сите оние кои ги злоупотребија законите за лична корист (за што постојат јасни и гласни ревизорски извештаи) ќе дигаат прашина и ќе плашат ситна боранија. Која политичка перверзија. Како што реков, потребна ни е технократска влада за да се врати сета оваа гамад под камењата од под кои исползе пред 30 години, напиша таа.