Наместо оставки, државна награда. За двонеделниот хаос на здравствениот систем поради сајбер нападот на Фондот за здравствено осигурување, премиерот нема да бара одговорност туку ќе има орден за ИТ експерт, бидејќи 24 часа работеле за враќање на хакираниот систем во функција.
-Главниот инженер што работеше на овој проблем поради исцрпеност, бидејќи работеше 24 часа на ден, сега е на боледување. За една од наредните државни награди ќе предложам еден од инженерите што работат на справување со сајбер нападите да биде одликуван со државна награда во име на сите инженери кои во овој период работат на спречување и на отстранување на последиците од сајбер нападите, изјави Димитар Ковачевски, претседател на Влада.
Во време на хакираниот систем, вработените во јавното здравство останаа без плати, пациенти без лекови а родилки без пари за породилно отсуство. Но премиерот е задоволен од работата и посветеноста на директорката Филиповска Грашковска која ја оправдала неговата доверба. Ковачевски не кажа ниту збор за вториот менаџер на Фондот кој во периодот на најголемиот крах во здравствениот систем беше во Америка. За тоа го потсетија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Наместо да дели награди, Ковачевски да побара оставка од директорот Фатон Ахмети.
Директорот Фатом Ахмети покажа дека воопшто не му е грижа за ФЗОМ и затоа наместо веднаш да се врати во Македонија и да работи на санирање на штетата која е настаната и поради неговата неспособност, тој кусо ја информираше јавноста дека како кадар на ДУИ е во партиска посета на школа за лична надградба. Што значи не го пратила државата, ниту институцијата, таму е по сопствен избор, и за тоа користи годишен одмор, изјави Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
И Ковачевски а претходно и Филиповска Грашковска се задоволни што експертите за две недели го решиле хакираниот систем, за разлика од светскиот просек од 23 дена. Но јавноста не дозна ниту од каде е направен сајбер нападот, дали е побаран и платен откуп бидејќи случајот е предмет на истрага и се ќе се знаело по нејзиното завршување.