Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор го информирал американскиот претседател Доналд Трамп дека Москва го преиспитува својот став во врска со мировниот договор, по наводниот напад со беспилотни летала што Украина го извршила врз неговата резиденција во областа Новгород.
НАПАД НАД РЕЗИДЕНЦИЈАТА НА ПУТИН
Од Кремљ соопштија дека Путин за време на денешниот разговор го запознал Трамп со инцидентот и посочил дека токму нападот довел до промена на позицијата на Русија во мировните преговори.
Според руската страна, Путин му укажал на Трамп дека ваквиот чин претставува сериозна ескалација и дека Москва повеќе не може да ја задржи досегашната преговарачка рамка. Кремљ не наведе какви конкретни промени ќе следат, но истакна дека рускиот став ќе биде „коригиран“ согласно новите безбедносни околности.
Советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Путин нагласил оти Русија и натаму е подготвена за соработка со САД во насока на мировен договор, но дека нападот ја принудил Москва да ја ревидира својата преговарачка позиција.
Претходно, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Украина во текот на ноќта извршила напад со беспилотни летала врз државната резиденција на рускиот претседател Владимир Путин во регионот Новгород. Лавров не прецизираше дали Путин се наоѓал во резиденцијата во моментот на нападот, ниту дали имало повредени лица или материјална штета.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како лага и посочувајќи дека Москва, според него, го подготвува теренот за напад врз владини објекти во Киев.
Телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп се одржал во чувствителен момент, непосредно пред планираната средба на Трамп со украинскиот претседател Зеленски. Кремљ го оцени разговорот како „сериозен и содржаен“, оценка која, според информациите, ја споделила и Белата куќа.
НАПАД НАД РЕЗИДЕНЦИЈАТА НА ПУТИН
