Евакуацијата следува по интензивни воздушни напади врз густо населениот округ Дахија

Во јужните предградија на Бејрут вечерва се случува масовна евакуација по наредба на израелските одбранбени сили. Околу 500.000 жители на густо населената област Дахија, позната како комерцијален и станбен округ, се обидуваат да побегнат во големи конвои, но сообраќајот е практично парализиран.

„Жените туркаат колички меѓу запрените возила, а семејствата апелираат до службите за спасување за помош на постарите лица кои не можат сами да излезат од домовите“, јави Гардијан.

Израелската армија ја засилува офанзивата

Од понеделникот Израел напаѓа делови од Дахија, а министерот Безалел Смотрич упати закана за целосно уништување на овој дел од градот, кој се смета за упориште на Хезболах. Наредбата за евакуација следи еден ден откако израелската армија ги предупреди жителите на другата гранична област јужно од реката Литани, што претставува околу 10 проценти од територијата на Либан, што создава загриженост за можен копнен напад.

Светските лидери, меѓу кои францускиот претседател Емануел Макрон и шпанскиот премиер Педро Санчез, апелираа до Израел да ја намали ескалацијата и да спречи ширење на конфликтот во Либан. Израел пак тврди дека дејствува како одмазда поради истреланите ракети кон северниот дел на Израел од страна на Хезболах.

Според либанското Министерство за здравство, во текот на нападите досега се убиени повеќе од 120 лица, а околу 700 се повредени, соопшти ДПА.