Петарди, стаклени шишиња, заштитни шлемови и сообраќаен знак беа фрлени врз зградата на Министерството за образование во Рим за време на протестот на италијанските студенти. Демонстрантите со протестен марш стигнаа до седиштето на оваа институција, каде што извикуваа гласни пароли против министерот за образование Џузепе Валдитара, додека целото подрачје беше под силно полициско обезбедување.
За време на маршот, двајца млади лица со качулки влегле на бензинска пумпа и со налепници со бројот нула го прекриле излогот на кој биле истакнати цените на погонските горива.
Протестниот марш започна од плоштадот Пјацале Остиенсе, при што учесниците изразија револт против државниот буџет, воените конфликти, повторното вооружување и високите животни трошоци. Демонстрациите потоа продолжија под главното мото дека младите нема да плаќаат за војни.
Студентите за време на движењето пред Колосеумот им оддадоа почит на работниците кои ги загубиле животите на своите работни места со поставување жолт заштитен шлем испрскан со црвена боја што ја симболизираше нивната крв. На одредени локации во Рим исто така беа испишани графити насочени против премиерката Џорџа Мелони и манифестацијата организирана од десниот центар.
Студентските демонстрации претставуваат дел од поширока европска иницијатива организирана под паролата за сопствената иднина, а против туѓите војни, поддржана од невладиниот сектор. Барањата на младите во европските градови се насочени кон поголеми вложувања во образовниот систем, заштитата на животната средина и поевтиното домување, наспроти зголемувањето на буџетите за вооружување.
