Напаѓачот на Данела Арсовска со куќен притвор, обвинителството бараше затвор

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука со која на напаѓачот на Данела Арсовска му се изрекува мерка куќен притвор во траење од 8 дена. Нападот се случи вчера во Чаир, додека градоначалничката на Скопје извршуваше теренски увид на дивоградба.

Обвинителството претходно побара затворски притвор за осомничениот, но судот не го прифати тој предлог, туку определи поблага мерка поради тоа што станува збор за скратена постапка.

Мерки за претпазливост за вториот осомничен кој се заканувал

Во официјалното соопштение, Основниот кривичен суд Скопје информира дека две лица се осомничени за кривично дело Насилство, по член 386 став 3 од Кривичниот законик.

„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за определување мерки за обезбедување присуство против две лица, осомничени за кривичното дело Насилство од член 386 став 3 од Кривичниот законик, поврзани со вчерашниот напад на градоначалникот на Градот Скопје, донесе решенија. На С.Љ., осомничени дека вербално и физички ја нападнал оштетената, му се определува мерка куќен притвор во траење од 8 дена, со оглед да се работи за скратена постапка“, се вели во соопштението на судот.

На вториот осомничен, исто така со иницијали С.Љ., му се ставаат мерки за претпазливост:
– забрана за напуштање на живеалиштето,
– повремено јавување во судот,
– одземање на патна исправа,
– забрана за приближување и контактирање со одредени лица.

Судот додава дека против донесените решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

Во меѓувреме, според информациите објавени вчера, полицијата ќе продолжи со засилено обезбедување на Данела Арсовска, поради сериозноста на инцидентот.