Со одржувањето на првата Меѓувладина конференција и почетокот на скрининг процесот, Северна Македонија вчера по 17 години чекање го направи првиот чекор на пристапување кон Европската Унија.
На Меѓувладината конференција во Брисел присуствуваше владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, кој отварачката изјава ја прочита на македонски јазик. Според Ковачевски, вчерашниот ден е историски затоа што по 17 години го правиме клучниот чекор на патот кон остварување на нашиот децениски и генерациски сон.
– Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен, а нашиот тридецениски сон е на дофат. Денеска е денот кога почнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја. Поглавје на забрзан развој, просперитет и стабилност, изјави Ковачевски по одржувањето на првата Меѓувладина конференција.
За реализација на оваа стратешка цел, како што рече, донесени се тешки одлуки кои бараа лидерство и храброст, мудрост и одговорност.
-Граѓаните на Северна Македонија се најзаслужни за денешниот ден. Тие не се предадоа пред ниту еден предизвик, пред планини тешки отстапки и компромиси за да го исполнат својот сон за припадност во европското семејство. Ние решивме да се соочиме со сите наши стравови и да донесеме храбри одлуки за иднината, а не да останеме заложници на минатото, истакна Ковачевски.
Според него, не постои поголем патриотизам од јасната визија и план за иднината, залагањето за просперитетот на државата и сите граѓани. Дециден е дека Европската Унија нè прифаќа како Македонци кои говорат македонски јазик, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите идентитетски, историски и културни особености. За овие нешта, како што рече, ниту се преговара, ниту ќе се преговара.
Од Брисел ветуваат дека ќе сторат се за да се забрза процесот на преговори. Еврокомесарот на проширување на прес-конфреренцијата со премиерот Ковачевски и министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски рече дека Северна Македонија покажала дека е партнер од доверба.
– Уверен сум дека со одлучноста и решителноста на Северна Македонија ќе можеме да работиме брзо, напорно и ефективно во текот на преговорите. Нашата порака денеска за граѓаните од Северна Македонија е многу јасна. Ве сакаме во ЕУ и тука не постојат сомнежи. Денеска праќаме и моќна порака кон целиот регион, па и надвор од него, рече Вархеји.
Одржувањето на првата Меѓувладина конференција го поздравија претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жосеп Борел, чешкиот премиер Петр Фиала чија земја во моментот претседава со Советот на ЕУ, како и алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милитиадис Варвициотис.
Се огласи и американскиот претседател Џо Бајден, кој во неговата изјава напомена дека САД ги поздравуваат чекорите што Европската Унија ги презема за унапредување на интеграцијата на Западен Балкан во евроатлантската заедница и тоа преку отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, се вели во изјавата на американскиот претседател Џозеф Бајден.
-Во моментот кога Русија го наруши мирот во Европа, поважно е од кога било e да се поддржи стремежот за Европа да е слободна и во мир. Демократски, безбеден и просперитетен Западен Балкан останува суштински за оваа визија, изјави Бајден.
Американскиот претседател е на ставот дека САД ќе продолжат да бидат силен и доверлив партнер се додека овие држави работат на одбрана на човековите права, зајакнување на демократските реформи и поддржување на владеењето на правото.
Првата меѓувладина конференција беше поздравена и од домашниот политички врв, додека за опозицијата, државата влегува во еден лавиринт каде што историјата и минатото ќе бидат многу поважни од сегашноста, иднината и европските стандарди. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски ги оцени како замајување на јавноста тврдењата на Владата дека е заштитен македонскиот јазик и дека е обезбеден реципроцитет во процесот. Во разговор за „Дојче Веле“, Мицковски вели дека најголем чувар на Уставот е дадениот збор на пратениците.
Еврокомесарот за проширување Вархеји, пак, ја повика опозицијата да докаже дека е посветена на членството на земјата во ЕУ.
– Навистина се надвам дека од сега, па натаму сите политички партии во земјата, вклучително и опозицијата, ќе работат на европската иднина и нема да започнат со контроверзи и со предизвикување емоции кои нема да ја водат земјата напред и нема да и донесат ништо на добро, рече Вархеји на прес-конференцијата во Брисел.
Во Брисел вчера се одржа и состанок на кој беше означен почетокот на скрининг процесот.
– Процесот што го почнуваме денеска се темели на добрата работа што ја завршивме досега. За ова се подготвувате со години и можам да кажам дека ќе бидеме со вас и дека ќе ја понудиме секоја помош што ќе ви треба, рече Вархеји, додавајќи дека ЕУ не сака да губи ниту еден момент повеќе и дека веднаш почнуваат со Акито.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој се обрати на македонски јазик во седиштето на ЕУ, рече дека почнуваме процес кој ќе бара ангажман на целото општество.
-Нашата заложба да станеме полноправна членка на ЕУ никогаш не била доведена во прашање и убеден сум дека со скринингот ќе се засили. Се надевам дека и ЕУ ќе биде подготвена да не пречека. Почнуваме процес кој ќе бара ангажман на целото општество. Процес важен и не многу лесен, но кој ќе заврши со членство во ЕУ што е наш сон, рече Маричиќ.
Според министерот за надворешни работи Бујар Османи, вчерашниот ден е историски, а нашиот поглед сега ќе биде свртен кон иднината и обврските што треба да ги исполниме.
– Од нас ќе зависи да ги мобилизираме нашите ресурси за што побрзо да дојдеме до европското семејство кон кое цивилизациски припаѓаме. Вашата поддршка и драгоцени упатства од сега ќе бидат уште попотребни. Ве уверувам дека нашиот тим е подготвен да ги исполни сите поглавјата, рече Османи на состанокот во Брисел со кој беше означен почетокот на скрининг процесот.
Скринингот ќе се состои од две под-фази односно процеси. Едниот од процесите е објаснувачки скрининг на кој Европската Комисија ќе направи ажурирање на релевантното право на ЕУ со оглед на тоа што се поминати неколку години од одржувањето на првичните објаснувачките состаноци, а истовремено ќе тече и уште еден со процесот на билатерален скрининг.
Преку билатералниот процес земјата ќе треба да го презентира степенот на усогласеност со правото на ЕУ и плановите за понатамошно усогласување, градење на институционалните и административните капацитети, како и потребните човечки, финансиски и ИТ ресурси за спроведување на европските стандарди.
– Овие процеси ќе се спроведуваат во период кој би траел најмалку една година и согласно новата Методологија на ниво на кластери. Календарот за спроведување на скринингот ќе се дефинира во соработка со Европската Комисија, информираа од владината прес-служба.
Одржувањето на Меѓувладина конференција следи откако земјите членки на ЕУ се согласија да ги отворат пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија и решија официјално да ги поканат двете земји вчера да ги започнат меѓувладини конференции.
На оваа прва Меѓувладина конференција беше усвоена Преговарачката рамка за членство на земјава во ЕУ со што започнува процесот на скрининг, по чие завршување и по промената на Преамбулата и на Амандманот 12 на Уставот, по автоматизам се одржува втората Меѓувладина конференција, по која почнува процесот на преговори по кластери и поглавја. Со измените на Уставот во делот каде што се наведени „албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ…“ ќе треба да се додадат и граѓани кои се дел од други народи, каков што е бугарскиот народ.
Северна Македонија и Бугарија вчера ги објавија и унилатералните изјави за јазикот. Додека Бугарија јасно напоменува дека не го признава македонскиот јазик, во македонскиот документ се нагласува дека Северна Македонија нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик и оти тој треба да стане еден од службените јазици на Европската Унија. Се наведува и дека литературниот македонски јазик е кодифициран во 1945 година.
-Согласно сознанијата утврдени со акти, широко прифатените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика и лингвистичката наука, македонскиот јазик има свој јазичен, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија. Македонскиот јазик се определува како словенски јазик, кој се наоѓа во јужнословенската група јазици, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ, стои во македонската унилатерална изјава.
Во бугарската, пак се наведува дека секое повикување на официјалниот јазик на Република Северна Македонија во официјални/неофицијални документи/позиции/изјави и други на ЕУ и нејзините институции, тела, канцеларии и агенции мора да се разбере строго во согласност со Уставот на оваа земја и никако не се толкува како признавање од страна на Република Бугарија на „македонскиот јазик“.
-Бугарскиот литературен јазик има шест регионални писмени норми (кодификации). Три од нив се засновани на дијалекти, а три на литературен бугарски јазик. Создавањето на „македонскиот јазик“ во 1944-1945 година во поранешна Југославија беше чин на секундарна кодификација (ре-кодификација) врз основа на бугарскиот литературен јазик, дополнително „збогатен“ со локални форми, со што се симулираше „природен“ процес заснован на дијалектна форма, стои во бугарската изјава.
Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска во неделата по потпишувањето на билатералниот протокол изјави дека Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на Република Северна Македонија и оти не го признава, но напомена дека преостанатите 26 земји-членки, сепак, имаат свои позиции и Софија никако не можеме да ги обврзе да го прифатат нејзиниот став.
Властите на Северна Македонија, пак, изминатиот период нагласуваа дека унилатералната изјава нема да има никакво влијание врз позицијата на македонскиот јазик во ЕУ, челниците на Унијата постојано повторуваат дека македонскиот јазик е признаен, а прв доказа за тоа треба да биде потпишувањето на договорот за Фронтекс.
Во Европската Комисија и во Советот на ЕУ објаснуваат дека по компромисот со Бугарија, деблокирањето на договорот за Фронтекс со Северна Македонија ќе се третира приоритетно, јави дописничката на МИА од Брисел.
Северна Македонија, овој договор со ЕУ го иницираше во 2018, но во меѓувреме Фронтекс (т.е. Европската гранична и крајбрежна агенција која ги “чува“ границите на ЕУ„) претрпе повеќе законски и правни измени, кои мораат сега да бидат предмет на повторни преговори во ЕУ за да се актуелизира договорот со Северна Македонија за да биде во согласност со моделот кој важи за сите земји учеснички.
Овој нов модел на Фронтекс треба да биде интегриран во актуелизираниот договор со Северна Македонија, за што е потребно Европската Комисија прво да препорача почеток на преговори, а Советот на ЕУ (земјите членки) да дадат зелено светло за тие преговори.
Се очекува, Европската Комисија доста брзо да ја издаде препораката и Советот да даде зелено светло за преговори. Изворите на МИА во Комисијата и Советот не сакаат да шпекулираат со датуми, но се надеваат дека меѓу оваа есен и крајот на годината договорот би бил финализиран, а потоа и ратификуван.
Договорот за Фронтекс до сега беше блокиран поради одбивањето на Бугарија да ги прифати зборовите „македонски јазик“ во текстот.
Според најавите на Бугарија не се очекува проблематизирање на јазикот овој пат, а претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави вчера дека договорот ќе биде преведен на македонски јазик, без фусноти, без цртички, на еднакво ниво со сите 24 европски јазици, што се смета за потврда дека македонскиот јазик во овој договор нема повеќе да биде проблем и предмет на блокади.
Деблокадата на нашиот европски пат беше овозможено со прифаќањето на предлогот на француското претседателство со ЕУ од 30 јуни 2022 година, од страна на Влада во саботата, откако претходно истиот ден Собранието усвои заклучоци по Информацијата за предлог-преговарачката рамка. Со заклучоците Собранието ја задолжи Владата да ги продолжи разговорите со Европската Унија, со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси. Северна Македонија прва меѓу земјите од регионот на Западниот Балкан на 9 април 2001 година во Луксембург ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација, која стапи во сила во 2004 година, а една година подоцна го доби и статусот на земја кандидат за членство во ЕУ.