Од денес, граѓаните можат да пријавуваат повреди на нивните избирачки права преку новата бесплатна телефонска линија 0800 54321, објави Канцеларијата на Народниот правобранител. Линијата ќе функционира за време на целата изборна кампања и на деновите на одржување на првиот и вториот круг од Локалните избори 2025, на 19 октомври и 2 ноември.
„По пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, а сите поплаки кои ќе стигнуваат по завршување на работното време, по 16 часот, ќе бидат снимени“, информираат од Канцеларијата.
Народниот правобранител ќе постапува во најкраток рок до надлежните органи и други институции, со цел брзо и ефикасно решавање на пријавените повреди и обезбедување остварување на загарантираното право на граѓаните.
Граѓаните можат да се обратат и во шесте подрачни канцеларии, секој работен ден од 8 до 16 часот, на следниве броеви:
Струмица: 034 329-996
Кичево: 045 228-586
Тетово: 044 344-082
Битола: 047 242-310
Штип: 032 389-701
Куманово: 031 431-488
Оваа иницијатива е дел од напорите на Народниот правобранител да ги заштити избирачките права и да обезбеди фер и транспарентен изборен процес.