Независниот пратеник Скендер Реџепи кој неодамна беше во центарот на вниманието со скандалозната изјава дека без уставни измени, албанските општини би можеле да си го бараат патот до ЕУ одделно од македонските, синоќа формираше своја партија.

Името на партијата, како што беше објавено е Народно движење.

Реџепи кој е претседател на новата партија, по тој повод истакна: „добар почеток на политичкото патување, кое ќе ни овозможи да ја задржиме насоката започната многу порано, но сега со новиот политички концепт, под чадорот на Народното движење“.

Како идеолошки одредници на партијата на Реџепти се истакнува зачувувањето на традиционалните семејни вредности и афирмација на современите економски, социјални, образовни и културни вредности.

Реџепи претходно беше еден од основачите на Движењето Беса, по што премина во Алтернатива, а од лани е независен пратеник.

На седницата за уставните измени пред три недели, Реџепи отворено говореше за одвојување на албанските општини од македонските.

„Може да се случат и други барања, албански општини да бараат пат кон ЕУ, одделно од македонските општини. Ова не би го посакувале, но реалноста е таа“, рече Реџепи, во насока на тоа каков би можел да биде исходот ако не поминат измените за влез на Бугарите и други народи во Уставот.

Бараше и бришење на формулацијата „20 отсто“ од Уставот при измените што треба да се донесат следниот период.

„Народно движење“ е трета партија што беше формирана за кус период, во пресрет на изборите. Претходно, дел од „огнените“ од ДУИ на чело со Изет Меџити го го формираа Демократското движење, а партија формира и Аријанит Хоџа од Беса.