Јапонското население се намалува 12-та година по ред и во 2022 година имаше 556.000 жители помалку отколку една година порано, покажуваат најновите официјални статистички податоци.
Од 1 октомври населението, вклучувајќи ги и странските државјани, изнесуваше 124.947.000, додека бројот на јапонски државјани е намален за 750.000 на 122.031.000, што е најголем пад од 1950 година, покажуваат достапните податоци објави од агенцијата Кјодо.
Овој тренд укажува на итната потреба Јапонија да воспостави систем за справување со предизвикот од пад на наталитетот и сивата популација.
Главниот секретар на владиниот кабинет, Хироказу Мацуно, на прес-конференција кажа дека владата ќе се справи со опаѓачкиот наталитет во земјата и дека тоа е „највисок приоритет“.
Сите 47 јапонски префектури, освен Токио, забележаа пад на населението во претходната година, заклучно со октомври минатата година, при што за првпат во сите префектури смртните случаи ги надминаа раѓањата, соопшти Министерството за внатрешни работи и комуникации.
Меѓутоа, зголемениот број на странски државјани во последниве години помогна да се неутрализира севкупниот пад на населението во земјата, наведува агенцијата.
Бројот на странци лани се зголеми за 194.000 на 2.916.000, откако беа олеснети строгите гранични контроли поради коронавирусот.
Работоспособното население на возраст меѓу 15 и 64 години се намалило за 296.000 на 74.208.000, што е 59,4 отсто од вкупното население.
Податоците, исто така, покажаа дека постарите од 65 години сочинуваат рекордни 29 отсто од населението.