Резултатите од истражувањето спроведено во три општини, покажуваат дека иако високи 82 проценти од испитаниците имаат сопствена електронска адреса, сепак одат лично во општината за да земат потврда или да завршат некоја работа. Речиси половина од испитаниците или 47 проценти не знаат какви електронски услуги нуди општината, а само осум проценти се изјасниле дека ги користат електронските услуги од општината.
– Јазот меѓу руралните и урбаните средини постои. Пристапот до интернет е различен. За жал, се уште се соочуваме со недостиг на дигитални уреди во семејствата, а има одреден проблеми и во делот на достапноста до интернет, иако има подобрувања во овој дел, рече Лилјана Јоноски, извршна директорка на „Рурална коалициjа“.
Од руралните општини сметаат дека процесот на дигитализација и користењето на е-услугите ќе оди побавно. Велат дека иако воведуваат електронски услуги, сепак локалното население го преферира традиционалниот начин на комуникација.
– Во руралните средини претежно живее повозрасно население, а информатичката писменост е на ниско ниво. Граѓаните имаат недоверба во електронската наплата и затоа повторно работиме со уплатници. Колку и да бидеме во чекор со промените кои настануваат со дигитализацијата, овој процес ќе оди побавно бидејќи населението потешко ги прифаќа новите начини на комуникација, истакна Николче Папучкоски од општина Кривогаштани.