„Влен“: ДУИ одговорна за дозволата за складиштето во Трубарево
Коалицијата „Влен“ денеска излезе со реакција во која директно ја обвинува ДУИ дека токму таа ја издала дозволата за работа на складиштето за електронски отпад во скопското Трубарево. Според нив, потписот на дозволата е на поранешниот министер за животна средина Насер Нуредини, близок соработник на Али Ахмети и Бујар Османи.
Обвинувања за долгогодишно партиско владеење
Во писменото соопштение, „Влен“ потсетува дека ДУИ повеќе од две децении управувала со ресорот за животна средина, оставајќи зад себе, како што велат, депонии во центарот на Тетово, Кичево, Струга и во околината на Скопје. Од коалицијата нагласуваат дека наместо решенија, граѓаните добиле загаден воздух, отровна почва и нефункционални институции под партиска контрола.
„ДУИ е симбол на корупција и урбан хаос“
Од „Влен“ додаваат дека додека граѓаните се гушеле во чад и живееле во загадена средина, функционерите на ДУИ инвестирале во трговски центри, енергетски и нафтени бизниси. „ДУИ нема право да зборува за екологија. Тие се симбол на партизација, корупција и урбан хаос“, стои во соопштението. Коалицијата заклучува дека на претстојните избори на 19 октомври, граѓаните ќе стават крај на оваа политика и ќе изберат власт која ќе воведе ред во управувањето со отпадот и ќе ја врати чистата животна средина.