Пред објавување на Годишниот извештај, кој согласно процедурата, до крајот на март, Народниот правобранител прво го доставува до Собранието на РСМ а потоа истиот е и јавно достапен, во интервју за Лидер, Омбудсманот говори за работата во време на пандемија, каков вид на претставки предничат, каде најмногу се прекршуваат слободите и правата на граѓанинот, каква е соработката со институциите на системот.
Зибери вели дека состојбата во местата за задржување, лишење од слобода, местата каде се издржува притвор и затворска казна и натаму е навистина загрижувачка. Во континуитет, затворите не обезбедуваат лекари, проблем има и со снабдување на лекови и пружање на стоматолошки услуги.
Задолжителното носење на маски во училиштата е проблем пред се за децата со попреченост, за што Народниот правобранител ги алармирал Владата, Министерството за образование и Министерството за здравство.
Според анализата за постапување на органите по барање и други интервенции на Омбудсманот, за периодот од 1 јануари до 31 август 2021г., инстутуции кои воопшто не одговараат на интервенциите на Народниот правобранител се: Министерство за здравство, Министерство за транспорт и врски, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за образование и наука и итн…

Лидер: Една година откако сте на функцијата Народен Правобранител. Функционирате во време на пандемија. На што најмогу реагираат граѓаните до Вас? Во која област најмногу се прекршуваат слободите и правата? Каков вид на претставки предничат?

-Пандемијата го смени начинот на живеење и на работење. Таа придонесе секаде во светот одредени права ( пред се правото на слободно движење) да бидат ограничени. Факт е дека при една ваква состојба врвен приоритет на секое општество е заштитата на здравјето на граѓаните, а целта на овие мерки, беше токму тоа. Граѓаните своите права ги остваруваа, и се уште ги остваруваат, со потешкотии. Тоа се почуствува, од една страна преку намалениот број на поднесени претставки кај Народниот правобранител, а од друга страна преку работењето на институциите со намален капацитет. Ваквата состојба на пример се одрази кај лицата во социјален ризик, кои со потешкотии стигнува до остварување на со закон гарантираните права, бидејќи при обнова на документите за добивање на помош од оваа област се соочија со застој во работата на соодветните комисии. Исто така, евидентни беа и проблемите при доделувањето на финансиската и друг вид на помош од страна на Владата на одредени категории граѓани- ученици, студенти, пензонери, имаше застој и во издавањето на исправи за лична идентификација. Но, сепак морам да потенцирам дека и изминатата година, како и неколку претходни најмногу претставки до институцијата Народен правобранител беа поднесени во областа правосудство, пред се за работата на извршителите, потоа следат работните односи, потрошувачките права, правата на децата.

Лидер: Пандемијата го промени и начинот на образување на учениците. Од онлајн настава со физичко присуство и задолжително носење на маски на часовите. Дали до Омбудсманот се пристигнати преставки за исклучување “задолжителните маски“од наставата и која е вашата препорака ?

-Тука акцентот би го ставил на децата со попреченост, затоа што оваа мерка нив најмногу ги погоди. Имено, согласно здравствените протоколи учениците во учебната 2021/22 година задолжително при спроведувањето на наставата мораа да носат заштитни маски, што, пак, за децата со попреченост претставуваше голем проблем. Кај овие ученици носењето на лична заштита на лицето во подолг временски период предизвикува вознемиреност, нелагодност и неможност за фокусирано следење на часовите. Ова индиректно значеше дека некои деца со попреченост беа оневозможени непречено да ја следат наставата.
Народниот правобранител во врска со наведеното, достави Укажување до Владата на РСМ, Министерство за образование и наука и Министерство за здравство, во кое укажа дека потребно е Протоколите да се усогласат со Законот за заштита на населението од заразни болести, во кој децата со попреченост беа изземени од оваа обврска.

Лидер: Дали до Вас стигнуваат прставки за дискриминација основ на политичко убедување?

-Во текот на минатата година до Народниот правобранител нема пристигнато претставка која се однесува на дискриминција по основ на политичко убедување.

Лидер: Состојбата со затворите редовно е на “црната страница“ и во Европските извештаи. Какво е вашето согледување и кои се препораките за почитувањето на правата на лицата во местата за задржување и лишување од слобода и задржување?


-Народниот правобранител ги следи состојбите во местата за задржување, лишување од слобода , местата каде се издржува мерката притвор и затворските казни и преку одделот за заштита, но и преку националниот превентивен механизам, што подразбира дека дејствува и во заштитата на поеднечните права на овие лица, но и превентивно во спречувањето на тортурата. Состојбите во овие установи навистина се загрижувачки, како од аспект на условите за престој (веќе во одредени затвори има пренатрупаност) така и од аспект на обезебедување и почитување на одредени права пред се здравствената заштита.
Имено, декларираниот сиситем за континуирана здравствена заштита преку јавните здравствени установи во многу од затворите не функционира и тие немаат обезбедено лекар.Проблеми има и со снабдувањето се лекови како и стоматолшките услуги. Тука, мора да се спомене и нефункционирањето на системот за ресоцијализација како и отсусутвото на воспитно-образовниот процес со цел овие лица по издржување на казната да можат да бидат оспособени да се вклучат во нормалните текови во општеството, на пример да најдат работа.
За жал нотираните состојби во овие установи траат со години и се дел од секој извештај како на Народниот правобранител, така и на меѓнародните тела што укажува на потребата од серизен пристап во решавање на овие детектирани сосотојби.

Лидер: Каква е соработката на Омбудсманот со институциите на системот?

-Ние како институција минатата година, со цел токму да ја утврдиме состојбата во поглед на соработката на институциите во сите области подготвивме, и за Меѓународниот ден на човековите права 10 декември ,го објавивме Извештајот од анализата за постапувањето на органите по барањата и други интервенции на Народниот правобранител по претставките за заштита на човековите слободи и права.
Анализата покажа дека за периодот 01.01-31.08.2021 година од вкупно 1417 дејствија преземени кон органи на државната власт, единици на локална самоуправа, органи и организации со јавни овластувања, не е одговорено по 116 дејствија (8,19%).

Што се однесува до соработката мора да се напомене дека има институции кои соработуваа,т но и такви кои го игнорират Народниот правобранител. Така Државна комисија за одлучувања во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Фонд за здравствено осигуруваење и Подрачните служби, Фонд за ПИОМ, Јавните здравствени установи, Државен санитарен и здравствен инспекторат, ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Скопје и другите центри низ Републиката, ЈУ Завод за социјални дејности, МОН Државен просветен инспекторат, најголем број од основните и средни училишта, Државен пазарен инспекторат, Агенција за вработување, Национални установи, Извршители, нотари, Адвокатска комора, основните судови, Комисија за прекршоци, Комисија за денационализација, ОЈО Велес, ОЈО Битола, ОЈО Куманово, ОЈО Прилеп, ОЈО Кавадарци, ЈП МРТВ, ЕВН, БЕГ, Регулаторна комисија – доставуваат навремени одговори или пак, со пречекорување на дадениот рок, но одговорите се целосни, суштински и овозможуваат ефикасна постапка за заштита на правата на граѓаните.

Спротивно на горенаведеното, Министерство за здравство, Министерство за транспорт и врски, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за образование и наука, МВР Оддел за внатрешна контрола и криминалистички истраги, Управен суд, Врховен суд, Основен граѓански суд Скопје, ЈО на РСМ, ОЈО за ГОКК, ОЈО Охрид, ОЈО Кичево, Генерален секретаријат на Влада, УЈП Скопје, Министерство за правда УВМК, Државен завод за статистика, Град Скопје, Општина Берово, Кочани, Тетово, Битола, ЈКП Тетово, ЈП„Водовод и канализација Скопје – се органи кои или воопшто не одговараат по интервенциите на Народниот правобранител, ретко доставуваат соодветни одговори, односно најчесто доставуваат формални одговори кои не овозможуваат ефикасна заштита на правата на граѓаните.

Да напоменам дека ова се податоци за првите осум месеци од годината, кои можеби во меѓувреме претрпеле измени, но за тоа јавноста ќе мора да почека да се објави Годишниот извештај, кој согласно процедурата до крајот на март прво се доставува до Собранието на Република Северна Македонија, а потоа и јавно се објавува на прес-конфереција, додава Насер Зибери во интервјуто за Лидер.