Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска се обрати на Националниот дијалог на патот кон COP31, организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP). Настанот се одржа во пресрет на претстојната меѓународна климатска конференција во Анталија, каде беа дефинирани стратешките правци на земјата.

Подготовките за COP31 претставуваат можност за утврдување на јасна национална позиција за енергетската и климатската иднина, заснована врз реалните капацитети, научните сознанија и потребите на граѓаните. На средбата свои излагања имаа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за животна средина Муамед Хоџа, како и други претставници на домашните институции и меѓународната заедница.

„Енергетската транзиција е суштински дел од нашата одговорност. Нашата обврска е да создаваме услови за почиста енергија, а истовремено да обезбедуваме сигурен и функционален енергетски систем. Секоја промена мора внимателно да ги земе предвид потребите на стопанството и можностите на домаќинствата“, порача Божиновска.

Министерството ги насочува своите приоритети кон забрзан развој на обновливите извори на енергија, зголемување на енергетската ефикасност и сеопфатна модернизација на енергетскиот систем. Божиновска подвлече дека проширувањето на капацитетите од сончеви и ветерни електроцентрали бара паралелни инвестиции во електроенергетската мрежа, системите за складирање енергија и понапредно управување со потрошувачката.

Во рамки на претседателството со COP31 беше презентирана иницијативата „35 до 2035“, со која се планира електричната енергија да достигне 35 проценти од вкупната финална потрошувачка до 2035 година. Ваквата цел создава услови за широка електрификација на греењето, сообраќајот и индустрискиот сектор преку примена на енергетски ефикасни решенија.

Посебен акцент за време на расправата беше ставен врз праведната енергетска транзиција, при што беше подвлечено дека сите структурни промени мора да обезбедат поддршка и нови работни места за локалните заедници во регионите кои зависат од експлоатацијата на јаглен.

Преку воспоставената Инвестициска платформа за праведна енергетска транзиција се врши поврзување на националните развојни проекти со меѓународна стручна и финансиска помош, со што ќе се овозможи преквалификација на работната сила и диверзификација на локалната економија.

Климатските амбиции можат да дадат реален резултат само доколку се поткрепени со зрели проекти, долгорочно финансирање и силни институции подготвени за реализација на преземените обврски, при што меѓународната поддршка останува клучен фактор за остварување на зацртаните цели на претстојниот климатски самит во Анталија.