На четирите малолетнички опфатени со постапката за физичкото насилство врз 13-годишно девојче во скопската општина Ѓорче Петров им е изречена мерка упатување во воспитно-поправен дом, објави „Скопје1“.
Според информациите, судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје на првообвинетата ѝ изрекол мерка во траење од една година, додека на останатите три малолетнички им се одредени по осум месеци.
Одлуката сè уште не е правосилна. Од Кривичниот суд за „Скопје1“ потврдиле дека одлуката е во фаза на писмена изработка и сè уште не е доставена до странките.
Случајот ја вознемири јавноста откако во група деца во два наврати физички малтретирале 13-годишно девојче, ученичка во основно училиште во Ѓорче Петров, додека дел од присутните го снимале насилството со мобилни телефони.
