Има средства да се прошири позитивната листа со девет нови лекови, само се чека да се избере новиот Управен одбор на Фондот за здравствено осигрување, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.
„Има и пари, нема никаков проблем, само чекаме да се избере новиот Управен одбор. Значи, Управниот одбор се уште не е комплетиран. Инаку, од наша страна е испратено пред две недели со согласност од Фондот“, изјави Таравари.
Тој нагласи дека деветте лекови се прифатени и оти нема да има некаква голема финансиска импликација. Тој рече дека по 14 или 15 години ќе биде проширена позитивната листа и дека до крајот на годината може ќе има дополнување од уште неколку лекови.
Вчера директорот на ФЗО Сашо Клековски изјави дека очекува за десетина дена да се знае дали ќе има проширување на позитивната листа со девет нови лекови.