Директорот на Јавното претпријатие „Железници“, Хари Локвенец, најавува дека наскоро ќе се распише тендер за третата фаза од пругата кон Бугарија која е дел од Коридорот 8.

„Во завршна фаза е подготовката на тендерската документација за надзорен инженер и за техничка помош, како и за градба за последните 24 километри од железничкиот Коридор 8 кон Република Бугарија. Со поддршка на сите владини институции и на Мисијата на ЕУ во Скопје, ја подготвуваме документацијата, а очекувањата се дека за скоро време ќе биде објавен тендерот и до крај на годината ќе имаме избран изведувач“,вели Локвенец во интервју за државната агенција МИА направено во пресрет на јубилејните 150 години железнички сообраќај во државата.

Во првите две фази од пругата кон Бугарија кои ја опфаќаат пругата од Куманово до Бељаковце (31 километар) и од Бељаковце до Крива Паланка (34 километри), според него, евидентен е прогресот на тековните активности и очекува изведувачите да ги завршат проектите во предвидениот рок.

Во однос на експропријацијата на земјиштето, пак, тој вели дека за првите две фази (делници) таа е завршена сто проценти, а во однос на земјиштето за третата фаза, за која ќе се распишува тендер, експропријацијата се прави парцијално.

„Го потенцирам делот парцијално зошто по барање на граѓаните, зошто сакаме да бидеме Железници на граѓаните, а не Железници на проектантите, ги сослушавме сугестиите на граѓаните на Крива Паланка за пристапните патишта кон железничката станица во Крива Паланка и од предложените 50 куќи за раселување и уривање во Крива Паланка од страна на проектантот, според сугестии на граѓаните, ги сведовме на 16, оние кои мораше да се урнат. Јас знам дека и 16, можеби е помала бројка во однос на 50, ама и тоа е многу, водејќи сметка дека сите ние емотивно сме поврзани со нашите домови, заради тоа што куќата не ни е само зграда, туку ни е дом и заради важноста и од емотивен, меѓутоа и од сите други аспекти од постоењето на нашиот дом“,вели Локвенец.

Тој очекува дека за неколку месеци ќе бидат готови во целост документациите за експропријацијата и оти до крајот на годинава или до почетокот со градба на третата фаза, таа ќе се заврши во целост.

Според Локвенец, до крајот на 2027 година земјава успее да го заврши својот дел од источното крило на железничкиот Коридор 8.