Соработка меѓу аеродромите во Скопје и Прага за нови авиолинии

Можноста за воспоставување на директна авиолинија меѓу Скопје и Прага, како и продлабочување на соработката меѓу аеродромите на двата града, беше главна тема на средбата помеѓу заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, и Јири Пос, претседател на Бордот на директори на аеродромот Вацлав Хавел – Прага. Средбата се одржа денеска во чешката престолнина.

Поддршка за развој на воздушниот сообраќај во Македонија

„Владата е целосно посветена на развојот на воздушниот сообраќај во Македонија. Наш приоритет е воспоставување на широка мрежа на авиолинии низ Европа и светот, со цел подобро поврзување на нашата земја со останатите дестинации“, изјави вицепремиерот Николоски.

Тој истакна дека Владата активно работи на привлекување нови авиокомпании, нудејќи различни поволности и финансиска поддршка за воведување на нови летови.

Неговата објава може да ја погледнете во продолжение:

Можност за лет Охрид – Карлови Вари

Освен можноста за лет меѓу Скопје и Прага, на средбата се дискутираше и за потенцијалот на аеродромот во Охрид. Се разговараше за тој да биде поврзан со Карлови Вари – популарна чешка туристичка дестинација.

„Охридско-струшкиот регион нуди огромни туристички можности, а воведувањето на директен лет би ја зголемило туристичката размена и економската соработка помеѓу двете земји“, нагласи Николоски.

Средба со претставници на компанијата Шкода

Во рамки на својата работна посета на Чешка, вицепремиерот Николоски оствари и средба со претставници на автомобилската компанија Шкода. Разговорите беа фокусирани на можностите за економска соработка и потенцијални инвестиции во Македонија.

Заменик-претседателот на Владата учествува и на пленарната сесија на Заедничкиот комитет за економска соработка меѓу Македонија и Чешката Република, каде што ќе се разгледуваат идните перспективи за трговска и инвестициска соработка.

Инаку, Владата активно работи на нови летови.

Се додаваат шест нови авиолинии меѓу кои Барселона и Лион, а се укинуваат три дестинации за летање од македонските аеродроми

Од скопскиот аеродром ќе се лета до Барселона, Дубаи, Лион и Штутгарт. Од охридскиот аеродром кон Истанбул и Милхаус. Во меѓувреме, се укинуваат летовите за Келн, Копенхаген и Стокхолм, но ќе се лета почесто до Дортмунд и тоа секој ден во неделата.