Руската вакцина против рак успешно ги помина претклиничките испитувања и е подготвена за употреба по добивањето лиценца, соопшти Вероника Скворцова, раководителка на Руската Федерална медицинска биолошка агенција (ФМБА). Таа информира дека документи за лиценца биле поднесени до Министерството за здравство кон крајот на летото 2025 година, по повеќегодишни истражувања и три години претклинички студии.

Според Скворцова, студиите ја потврдиле безбедноста на вакцината, вклучително и можноста за повеќекратна примена, како и високата ефикасност во намалување на големината и во забавување на растот на туморите. Дополнително, резултатите покажале и продолжено преживување на пациентите.

„Планираме да почнеме со примена кај колоректален карцином. Истовремено, во последна фаза е развој на вакцина за уште два вида тумори – глиобластом, еден од малигните тумори на мозокот, како и одредени форми на меланом, не само на кожата, туку и на очните мембрани. Ова е многу тешка и брзонапредувачка болест, затоа овие локализации ќе бидат следни,“ нагласи таа.

Скворцова потсети дека во ноември 2024 година, на средба со претседателот на Русија, објавила дека ФМБА планира да започне со користење на вакцина против рак за персонализиран третман на пациенти во текот на 2025 година.